Лондон ја враќа законодавната моќ во свои раце

Официјален Лондон ја потпиша уредбата со која се укинува Бриселскиот акт од 1972-рата година. Ова значи дека сите закони од ЕУ кои се спроведуваа во Велика Британија, повеќе нема да важат. Министерот задолжен за излез на Обединетото Кралство од ЕУ, Стив Баркли, денеска лиферуваше изјава за потпишувањето на актот за кој рече дека е историски чекор со кој земјата си ја враќа старата законодавна моќ. Истата стапува на сила на 31 октомври – денот кој е одреден за официјалниот развод на Лондон и Брисел.

  • Oва е јасен сигнал за народот на оваа земја дека нема назад – како што ветивме ја напуштаме ЕУ, на 31-ви октомври, под кои било услови, испорачувајќи ги инструкциите кои ни ги дадовте во 2016-та. Гласот на 17,4 милиони луѓе кои одлучија да ја напуштат ЕУ е најголемиот демократски мандат доделен на една британска влада. Политичарите не можат да бираат кој глас да го почитуваат. Парламентот веќе гласаше за напуштање на 31 октомври, напиша Стив Баркли.

Новата вест брзо беше објавена и на Твитер налогот на Даунинг Стрит 10. Премиерот Борис Џонсон додаде и видео, на кое објавува дека следува период на големи инвестиции, раст на економијата, градба на 20 нови болници, зголемување на безбедноста.

Но, оваа ведрина ја нема во тајниот документ кој протече од британската влада, а го објави Сандеј Тајмс. Во документот е опишано црното сценарио кое следи ако Велика Британија ја нашушти унијата без договор – нешто на што инсистира самиот Џонсон. Островот, се вели во документот, ќе се соочи со

недостаток од свежа храна, поради што цените ќе растат, недостаток на гориво и лекови. Во овие прогнози, речиси 85% од камионите кои ги користат главните канали можеби нема да се подготвени за француските царини, што значи дека ке има пореметување на пристаништата, кои можат да траат и три месеци.

Владата верува и дека тврда граница меѓу Северна и Република Ирска ќе биде  веројатна, бидејќи плановите за избегнување на проверките ќе се покажат како неодржливи. Кога Британците ќе се соочат со оваа реалност – следува незадоволство и протести, се вели во документот, кој има кодно име „Операција Јелоухамер“.

Дел од британските медиуми смируваат дека документот сепак е еден вид план, потошно удари со кои владата мора да се соочи, со цел да избегне катастрофален колапс во инфраструктурата.

Отакако Џонсон дојде на местото на Тереза Меј, се поизвесна е идејата за Брегзит без Договор. За голем дел од јавноста и опозицијата, тоа би било чиста лудост. Џонсон неделава, иако не сака, ќе се сретне со Меркел и Макрон, на кои ќе им ја соопшти пораката дека 31-ви октомври кралството си заминува од ЕУ, без оглед на се. Ќе им каже дека Лондон може да се врати на договор, ако Брисел го отвори повторно договорот кој го потпиша неговата претходничка. Но, за ова шансите се мали.

Според последните преговори со Брисел, на Британија ѝ е даден рок до 31 октомври да излезе од Европската Унија. Опозицијата во Лондон е против излез без постигнат договор со Брисел околу условите по напуштање на Унијата, додека власта, предводена од премиерот Борис Џонсон, останува на ставот дека земјата по секоја цена ќе ја напушти ЕУ на договорениот датум.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ