„Трговска војна“ со Косово

Македонија не може да извезува компир и мед во Косово, одлучија тамошните власти. Тоа е реакција на одлуката од македонска страна – да не се дозволи од Косово да се носат риба и рибен подмладок. Така и ќе остане се додека има пречки за нивните бизниси, се закани косовскиот министер за трговија и индустрија.

  • Се додека нема рефлексија и не се отстрануваат пречките и забраните што им се поставени на нашите бизниси , на косовските производители во тргување во Република Македонија, оваа мерка ќе продолжи да остане во сила. Одлуката се заснова врз ЦЕФТА договорот и Спогодба за стабилизација и асоцијација, вели Ендрит Шала – Министер за трговија и индустрија на Република Косово

Забраната за рибата и икрата од Косово не е мерка против државата, возврати министерот за земјоделство, Димковски. Тој не попушта – вели, нема да увеземе нешто за што немаме гаранција дека е здравствено исправно.

  • Зошто не можат?! Затоа што не го спроведуваат мониторингот. Немаат експлицитна забрана затоа што тие производи се од Република Косово – туку монтирингот важи за сите други држави. Доколку докажат дека го спроведуваат мониторингот апсолутно не е никаков проблем, вели Трајан Димковски – Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од Министерството за земјоделство не знаат точно колкави би биле загубите ако не извезуваме компир и мед во Косово. Повеќе ќе знаат за неколку дена.

Во понеделник на иста маса ќе седнат министрите за земјоделство и за економија и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство за да го анализираат проблемот, но и мерките воведени од наша страна.

Петар Догов

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ