Дали е Јанева „зрела“ за разрешување?

Дали сведокот Катица Јанева ќе стане обвинетата Јанева? Дел од јавноста шпекулира дека нејзиното повикување во Обвинителството за организиран криминал значи чекор поблиску до изразување сомнение па и до изрекување куќен притвор.

Истовремено, стручната јавност предупредува дека идејата за нејзино разрешување заради незаконито и несовесно вршење на функцијата, е тешко остварлива мисија.

Законот за СЈО вели дека доколку Советот на обвинители почне постапка за разрешување на јавниот обвинител, треба да достави извештај до Собранието. Врз таа основа, на предлог на Комисијата за избори и именувања, со претходна согласност на четирите најголеми партии,  Собранието со дво-третинско и Бадинтерово мнозинство утврдува предлог, а разрешува – Советот. Претседателот на Советот на обвинители, Коле Штерјев,  вели дека законот во овој дел не е доволно прецизен.

Единствена можност за разрешување на јавниот обвинител е преку дисциплинска постапка. Доколку дојде пред Советот, ќе биде постапено согласно Законот за обвинителство, чии одредби се применуваат ако не е определено со Законот за СЈО – вели Штерјев.

Долгогодишниот обвинител и адвокат Александар Наков смета дека во Советот на обвинители нема волја за било какво постапување, па затоа иницијативата треба да потекне од Републичкиот обвинител Љубомир Јовевски.

Наков смета дека евентуалното разрешување на Јанева ќе значи крај за СЈО.

Во Собраниската комисија за избори и именувања не може да се поведе постапка без конкретна иницијатива за разрешување на Јанева.

Доколку  пристигне иницијатива, веднаш ќе ја свикам Комисијата за избори и именувања, без оглед на годишните одмори. – изјави претседателот на комисијата за избори и именувања, Илија Димовски.

Според дел од аналитичарите, целата постапка може да се рационализира со прифаќање на нејзината депонирана оставка, иако Јанева ја услови со донесување на новиот Закон за обвинителство и со изборот на нејзиниот наследник.

Додека законот е заглавен во работната група, опозицијата се сомнева дека не само Јанева, туку целото СЈО е инфицирано со криминал, корупција и непотизам, а власта предупредува дека „Рекет“ е во истражна постапка и за да се побара одговорност од носител на јавна функција, неопходни се цврсти докази.          

Соња Николовска

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ