Дијалогот за пописот продолжува по две недели

Две средби за две недели. Со ваква динамика се состанува работната група за пописот. Од власта се задоволни од добрата волја за усогласување на текстот, што влева оптимизам дека во почетокот на наредниот месец, законот може да биде донесен со поддршка на сите партии.

Од опозицијата не се задоволни од пристапот на власта. Велат дека нема да отстапат од стандардите на Еуростат.

Камен на сопнување останува кој може да дава податоци за отсутното лице. Во предлог-законот подготвен од Заводот за статистика, предвидено е тоа да го прави лице кое ја поседува информацијата за матичниот број.

ВМРО ДПМНЕ инсистира да се именува дека е тоа член на потесното семејство. Обете страни се согласија дека е неопходно приложување документ за идентификација.

Неспорно е дека дадените податоци ќе се компарираат со базите на податоци во институциите, но, според опозицијата, треба да биде познато дали тоа ќе се прави пред или по попишувањето и кои и колку бази ќе се користат.

Власта веќе прифати воведување хартиен контролник за дадените податоци, на кој попишаното лице со потпис ќе ја потврди точноста.

Уште при првиот состанок, договорено е во законот да се воведе поимник со дефиниции, меѓу кои и за резидентно население, за да се подели во различни категории населението што живее во земјата, од странците и од граѓаните кои престојуваат надвор од државата повеќе од една година.

Спорно останува и кој ќе ја изработува методологијата–директорот на Статистика,Советот или посебно тело, а речиси е апсолвирано дека попис ќе има во април 2020-та.

Според договорот направен на средбата пред два дена, наредниот интерпартиски  состанок ќе биде кон крајот на месецот. Тогаш веројатно ќе бидат вклучени сите поголеми парламентарни партии.

Групата за изборно законодавство ќе се состане наредната недела. Оттаму не говорат за детали: дали ќе имаме една изборна единица како што бараат СДСМ и помалите партии, дали ќе се намалува бројот на изборни единици од 6 на 3 по барање на ДУИ, дали ќе има мнозински модел како што заговара ВМРО ДПМНЕ. Опција е и ова прашање да се регулира пред локалните избори, а сега само да се имплементираат забелешките на ОДИХР, со кои се согласуваат и партиите и експертите.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ