Воинот на коњ стана Александар Македонски од хеленската историја

Александар Македонски, Филип Втори, Олимпија од денеска и официјално се дел од античката хеленска историја. Рано утринава на сите три споменици беа залепени табли кои го посочуваат тоа.

Таблата на Воинот на коњ е толку непристапна што буквално мора клечечки да се чита. Но многу ретки беа минувачите кои воопшто ја забележуваа, а уште помалку што ја читаа.  Таблите на споменикот на Филип и Олимпија се поставени на повисоко ниво од онаа на Воинот на коњ.

Поставувањето на таблите на спомениците во центарот на Скопје е направено согласно Договорот од Преспа со кој во рок од шест месеци требаше да се преиспита статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктурата кои упатуваат на античката еленска историја и да се отстрани Сонцето од Вергина од сите јавни места. Рокот за тоа истече во понеделникот.

Поради тоа деновите од шахтите на водовод во центарот на Скопје беше стругано шеснаесет кракото сонце, но нејасно е што ќе се случува со плочникот кај трговскиот Буњаковец, кој е јавен простор, но како што информираат од општина Центар, во приватна сопстваеност.

За ова побаравме појаснување од владата.

„Договорот не создава обврски за приватни лица и ентитети, но државата и институциите ги охрабрува и поттикнува и нив доследно да го почитуваат договорот во пракса, се наведува во одговорот од Владата.

Дел од општините на кои владата во вторникот им препорача да ја почитуваат оваа обврската го имаат сонцето од Вергина на своите знаме и грб, а Виница пак чека од владата комисиски да се утврди дали шеснаесте каркото Сонце од Вергина на нејзиниот плоштад отстапува од стандардите на овој симбол, па да се реши дали ќе се отстранува.

Од Владата не наведуваат до кога општините имаат рок да ја исполнат оваа обврска и што доколку не го направат тоа. 

И додека во земјава тече постапката за остранување на Сонцето од Вергина во Грција се уште се вози по автопат кој води кон Скопје и ПЈРМ.

Со договорот од Преспа Грција се обврза да го користи новото уставно име и да ги смени патоказите со „Скопје“ и „ПЈРМ“ на автопатот кој води кон земјава и да постави нови со „Република Северна Македонија“.

Во март тогашниот министер за транспорт и врски на Грција во Скопје изјави дека е тоа лесно прашање и оти според  меѓународни прописи за патните табли, каде што треба ќе се стави табла со името на државата.

За тоа дали Грција го почитува својот дел од обврските и дали досега е реагирано од македонска страна за тоа, од МНР за Телма велат дека грчката страна има обврска да го применува официјалното како и скратеното име на Северна Македонија.

„Не постојат определени рокови за имплементација, опишани во Конечната спогодба. Во постојан контакт сме и ја следиме плементацијата на Конечната спогодба. При средбите, како и колегите од Грција, ги покренуваме сите релевантни прашања, соработуваме и се залагаме за конзистентна примена на договореното“, се наведува во одговорот од МНР.

Од Владата пак за Телма велат дека Преспанскиот договор создава обврски за државите и јавните институции на двете страни и оти тие се задолжени за неговата имплементација.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ