
30-дневен притвор за осомничениот за убиство на 17-годишното момче во Аеродром
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека донело наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, осомничено дека сторило кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинителството соопшти дека осомничениот со употреба на нож на расклопување, лишил од живот едно оштетено лице.
Настанот се случил околу половина час по полноќ на 14 август, на улицата „Февруарски поход“ во населбата Ново Лисиче. По претходна расправија меѓу 18-годишниот осомничен и негов другар од една страна и поголема група лица од друга страна, осомничениот се дал во бегство кон зградите во населбата. Неколку лица трчале по него и во момент кога му се доближиле, тој го извадил ножот со кој на оштетениот му задал еден удар во пределот на градниот кош. Повредениот бил пренесен во болница, каде подоцна починал.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Обвинителството потврди дека Судијата го прифатил предлогот и на осомничениот му определил притвор во траење од 30 дена.