
Заев ги смени термините – наместо „педер и суетен новинар“, „манипулатори и измамници“
Зборовите „суетен новинар и педер“ од синоќешната изјава на премиерот Заев денеска преминаа во „манипулатори и измамници“. Во интервју за МИА, Заев објаснува дека има право „со термини и речник што го користи секој наш граѓанин“, да посочи на поединци и појави што се негативни во општеството.
„Жалам ако од некого сум бил погрешно разбран или протолкуван, но останувам на моите определби и на вредностите за кои отсекогаш сум се борел. Нема да дозволиме на непријателите на нашата земја да им успее планот преку користење на криминалци, манипулатори и измамници да го спречат успехот на земјата, членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ“, рече Заев.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веднаш реагираше со најостра осуда за искажаните навреди и закани што премиерот ги упатил кон ЛГБТ заедницата и кон новинарите. Сметаат дека тоа го дефокусира интересот од аферата Рекет.
Владеачката СДСМ го поддржува својот лидер. Потсетуваат дека токму оваа Влада е докажан борец за правата на ЛГБТ и на слободата на медиумите.
Социјалните мрежи и медиумите се преплавени со различни коментари и толкувања на изјавата на премиерот. Тој вчеравечер рече дека нема да дозволи неколку криминалци, еден суетен новинар и еден педер да ја урнат Владата. Веднаш потоа, преку Твитер се обиде да објасни дека немал намера никого да навреди и дека зборот педер го употребил како карактерна особина, а не како сексуална припадност.
Соња Николовска