Македонија Дел од село Љубанци цел месец без вода
Секое утро Љиљана Ацевска, иако би требало да мирува, со помош на штаките се симнува долу во селото да наполни вода. На пеколни температури жителите на село Љубанци мака мачат со снабдување вода.
„Синоќа сум отишла да се избањам бидејќи немав капка вода со ногата која ми ја гледате со штака. Сум отишла кај ќерка ми да дојде зетот да ме земе со кола и да идам се избањам и да донесам 10 – 15 кила вода за пиење“, вели Ацевска.
На најголемите горештини триесетина куќи во село Љубанци во високата зона цел месец немаат вода. Тие до сега многу пати реагирале до надлежните институции, но велат залудно.
„Кога ќе решат? Ќе решат кога ќе умреме! Никој пат нема да решат. Оди таму не знаеме ние, оди ваму не знаеме ние. Еве и списокот сабајле бев не е тука шефот, не е тука Јанко, не е тука Станко и што да правиме, да умреме додека не го најдеме стабилниот човек?! Треба вентилот овде да го запрат цела да не иде надолу вода во Љубанци па кај нас да има“, вели жителот на Љубанци Симеон Ацевски.
Село Љубанци не потпаѓа под водоснабдителниот систем на Рашче, туку има сопствени извори. Во 2012 та година со Меморандум за соработка со месната заедница на с. Љубанци Јавното претпријатие Водовод и канализација презема обврска да го одржува тој систем во функција каков што е. Во моментов екипите на Водовод се пратени и воочено е дека резервоарите се празни и дотокот на вода е многу мал, вели Стојанов .
„Од технички аспект ви гарантирам дека таа шахта без оглед што и да направиме во овој период нема да имаат вода граѓаните. Ние пред пет шест години можеби и повеќе, ставивме таму повеќе шахти со регулаторен притисок бидејќи во одредени локации во селото притисокот беше превисок, а во одредени вода не стигнуваше. Тоа се четири или пет, не ме фаќајте за збор. Но проблемот е во издашноста на изворите и тука Водовод не може ништо повеќе да направи. Тоа е природа и ние влијание немаме“, вели директорот Зоран Стојанов.
Во меѓу време ЈП Водовод и канализација и општина Бутел работат на решавање на проблемот со водоснабдување. Сепак со апел до жителите на Љубанци бавчите да се наводнуваат во ноќните часови кога не им треба толку многу вода на луѓето и рационално трошење на водата за да ја има подеднакво и во горните и во долните делови на селото.
Нина Стефанова



