Ризик од нов пожар на Русино

Пожарот на депонијата Русино кај Гостивар, од кој градот беше обвиен во густ чад е изгаснат. Надлежните оценуваат дека состојбата е стабилизирана, но на некои места се уште се појавува чад. Противпожарните екипи и Дирекцијата за заштита интервенираат на терен и понатаму. Најголемите жаришта каде избувна пожарот се покриваат со земја.   

Депонијата се запали во саботата наутро, а пожарот доживеа кулминација вечерта кога гостиварци  се загушија во чад. Во гаснење се вклучија екипи на Комуналец, Противпожарните единици на Гостивар и Тетово и Дирекцијата за заштита и спасување.

Русино за фрлање на смет ја користат сите полошки општини , но истата не е уредена според стандарди. Од Полошкиот плански регион велaт дека спроведуваат проект кој се имплементира со поддршка на Швајцарската агенција за развој. Во него за следната година се предвидува формирање на заедничко комунално претпријатие кое ќе менаџира со оваа депонија

„До сега како превентивна меркa е направена ограда околу депонијата за да се спречи диво фрлање на отпад од страна на трети лица, за брзо време ќе биде поставена кабина и вага за мерење на отпадот кој се носи од секоја општина поединечно, за да имаме увид во количината на отпадот кој се фрла од секоја општина“, информираат од Центарот за полошкиот плански регион.

Од центарот велат дека во изработка е и техничка документација за рехабилитација на депонијата се до нејзино стандардизирање.

Зоран Димовски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ