
Во барањето за кривична одговорност, Јанкуловски гледа обид да му се наруши угледот
Никола Јануловски, ректорот на УКИМ остро реагираше на одлуката на антикорупциска да побара кривични пријави против него и директорот на дигестивна хиругија Зоран Караџов, затоа што не го ставил претходното работно место во мирување и добива плата од две места. Тој смета дека се прави обид да му се наруши честa и авторитет и тврди дека не крши ниту еден закон и нема судир на интереси како што велат антикорупционерите .
„Ректорот за да биде ректор прво треба да биде професор. За да биде професор на Медицинскиот факултет треба да има двоен работен однос на соодветната клиника и на факултетот. Ова е законски регулирано. Професорите на клиничките предмети согласно наведените прописи земаат една плата од два работодавци, од Медицинскиот факултет и од соодветната клиника. Тоа што ректорот го прима од Ректоратот е сфункционален додаток на плата додека ја врши функцијата ректор. Тоа не е плата. Вака било и за сите претходни ректори“, рече ректорот Никола Јанкуловски.
Реакција има и од клиниката Жан Митрев, кои се огласија по иницијативата на антикорупциска за испитување на случајот со детската кардиохирургија.
„Ја поздравуваме иницијативата на Антикорупциската комисија. Клиниката е отворена за соработка за обезбедување на сите потребни информации и документи кои ќе бидат потребни за утврдување на вистината“, велат од таму.
Антикорупционерите, на вчерашната седница одлучија да испитуваат дали договорот на министерството за здравство со клиниката „Жан Митрев“ за детска кардиохирургија е според закон, но и зошто ректорот на УКИМ, Јануловски зема две плати.
Теодора Цветковска