
Јавното обвинителство му порача на претседателот: Да не се меша во кривичните постапки
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија укажува дека не е време за напади на институциите и нема да дозволи дискредитирање на обвинители и мешање во кривични постапки од страна на политичарите.
Изјавата на претседателот на Република Северна Македонија дека дава целосна поддршка на обвинителството и дека ќе ги употреби сите уставни и законски овластувања за да го заштити од притисоци ќе беше реална, доколку повикаше пратениците да го изгласаат Законот за јавното обвинителство и доколку дадеше поддршка за зајакнување на капацитетите на обвинителството за поефикасна борба против криминалот и владеење на правото.
„Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски во своето обраќање на вчерашната прес-конференција по ниту еден основ нема направено дискредитација на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, ниту пак постои намера за напаѓање на надлежните институции и мешање во кривичните постапки коишто се во тек“, соопштија денеска од кабинетот на претседателот.
ЈОРСМ ја уверува јавноста дека за посочениот предмет, се постапува неселективно и навремено, според утврден план на истрагата и дека сите инволвирани во кривични дела ќе бидат сослушани или испитани и ќе одговараат согласно законот. ЈОРСМ уште еднаш потенцира дека подлегнувањето на политички притисоци и мешање во работата на обвинителството, штетно влијае врз текот и успешноста на истражната постапка и врз обезбедување на доказите.
Инаку вчера претседателот Пендаровски повика на политичка одговорност, темелна и брза истрага, а обвинителите и судиите веднаш да се вратат од колективни одмори. Тој рече дека е несфатливо кога државата ја тресе голема криминална афера институциите да молчат и тераат одмор.