Високи температури во Македонија

Полупразни улици и празни детски игралишта. Така изгледа Скопје во пладневните часови во викенд кога е прогласена портокалова фаза. Повеќето од оние што беа излезени од дома, брзаа да стигнат на посакуваната дестинација, се движеа со шишиња со вода во раце и активно бараа сенка.

Во Македонија УВ индексот е 9, на само две единици од екстремно висок индекс кој се регистрира во земјите блиски до Екваторот. Високиот УВ индекс го зголемува ризикот од оштетување на кожата.

„Колку УВ индексот е повисок, толку ризикот по здравјето е повисок. Тоа е една линеарна скала која почнува од нула и завршува на плус 11. Портокалова фаза се однесува за висок ризик, тоа е 6 и 7 УВ индек, 8,9 и 10 УВ индекс е многу висок ризик или тн. Црвена фаза и последната е плус 11 или виолетова фаза, кога кожата гори за многу кратко време“, вели дерматологот д-р Верче Тодоровска.

Постојат различни параметри и системи за предупредување. Во комбинација со температурата на воздухот како главен параметар на системот наречен Метео Аларм, Македонија е влезена во портокалова фаза.

„Македонија е поделена на 6 подрачја, и во зависност од статистичките податоци, колку често одредени вредности на температурата се појавуваат во тоа подрачје, пресметани се гранични вредности над кои се издаваат овие бои на предупредување“, вели дежурниот синоптичар Костадинка Арсовска.

Високиот УВ индекс, во моментов е проследен и со многу високи температури, кои влијаат на целокупното здравје на луѓето и претставуваат особено голем ризик фактор за постарите лица, хронично болните, трудниците и малите деца. Тоа резултираше со зголемен број на повици и интервенции во итната помош.

„Вчерашниот ден исто така беше многу топло, имаше доста интервенции и мислам дека топлото време придонесе за итните интервенции, кои кај нас се пријавуваат како колапси, некому му се слошило, паднал на јавни места и сл.“, вели д-р. Марина Сотировска од Брзата Помош.

Превенцијата е  клучна, потребно е да се преземат одредени мерки на заштита на населението, особено во најкритичниот период, од 11 до 16 часот.

„Повеќе лесна храна, овошје и зеленчук, повеќе течности, најдобро обична вода. Да се носи лесна и светла облека, заштита на главата со капа и очила за сонце“, порачува д-р. Марина Сотировска од Брзата Помош.

Се препорачува да се внимава на големите температурни разлики, особено при влегување во автомобил што е прегреан, но се упатува и предупредување до возачите бидејќи високите температури влијаат на концентрацијата при управувањето на возилото.

А во меѓувреме секој наоѓа начин како да се разлади. Единствено, изгледа на децата високите температури им носат задоволство и радост.

Марија Атанасовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ