
Една третина од вработените во Ѓавато земаат плата, а не доаѓаат на работа
Министерството за животна средина ќе ги истражува наводите на вработениот Марјан Николовски кој тврди дека дел од колегите во хидросистемот Ѓавато не се појавуваат на работа. Ваквата ситуација траела со години и за неа вчера Николовски дал писмена изјава во министерството.
Николовски вели дека со години алармира за случувањата во хидросистемот, но освен ветување дека ќе се средат работите, никој од надлежните во министерството не реагирал. За тоа чувал и телефонски пораки со кои контактирал со нив и кои можат да ги потврдат неговите изјави.
И други вработени во хидросистемот за Телма ги потврдија исказите на колегата Николовски, но се плашеа да зборуваат јавно.
Инаку, Марјан Николовски обелодени и за милионските сметки за електрична енергија што ги прави хидросистемот за да обезбедува вода за хидроелектраната Топлец, но и за земјоделски плантажи кои пак не плаќаат ниту денар за водата што ја користат. За овие наводи Државниот инспекторат за животна средина веќе отвори истрага.
Сузана Мицева