Катица со поздрави до Камчев во аудио снимките-и натаму тврди дека „Рекет“ и е реванш од функционери

(телефонски разговор објавен на Ла верита)
О.Камчев: Кажи!

Б.Јовановски: Што правиш?

О.К: Ништо….По дома

Б.Ј: Доброо. Имаш поздрав од жената.

О.К:Фала, поздрави ја.

Б.Ј: И јас, завршувам. Па може да пројдам.

О.К: За колку време, пошто имам кај мене… за едно пола сат.

Катица Јанева: Не се секирај за ништо,се ќе биде ОК.

О.К: Океј, океј, нема проблем.

Овој снимен телефонски разговор во тројка Камчев, Јанева, Боки 13-ка е само дел од објавените разговори на италијанскиот сајт Ла верита. Што е целта на разговорот и како е поврзана со рекетот не е објаснето, но потврда дека се случил стигна од кабинетот на специјалната обвинителка Катица Јанева која смета дека за разговорот имало причина и дека често обвинителите разговараат со осомничените за да дознаат повеќе детали за истрагата.  

-Како Специјален јавен обвинител моја обврска е да контактирам со сите осомничени како и со други лица во врска со кривичните постапки кои се водат во ова Јавно обвинителство и од сите нив да се обидам да извлечам што поголем број на инфорамции како би ја подобрила позицијата во контекст на осомничените за секоја истрага/предмет поединечно.Сум разговарала за зголемување на степенот на соработка со осомничените, за откривање на нови сознанија во корист на истрагата, поточно, за подобрување на нашите позиции како јавни обвинители, но во никој случај и во ниеден момент не сум тргувала со никакво влијание, не сум ја злоупотребила својата функција и не сум постапувала спротивно на законот. Обвинител е секогаш обвинител, па и кога разговара со осомничени по телефон, а за ваква изјава во тој момент имаше оправдана причина, стои во соопштението од Јанева.

Нема објаснување која е оправданата причина за разговор кој се одвива во присуство на телевизиски менаџер односно неовластено лице додека се слуша народна музика.

Соопштението осамна на веб-страницата на СЈО неколку часа откако преку јутјуб се слушна како Јанева со гласот го смирува Орце Камчев, осомничениот во Империја

На видеото се слуша и како Боки 13 се обидува по телефон да ја добие Јанева за да и каже дека се е договорено, но откако никој не се јавува, двајцата сега притворени Јовановски и Милески откриваат дека специјалните обвинители редовно вежбаат пукање.

Б.Ј. Пратив СМС на Катица.

О.К. Како?

Б.Ј. Дека сме завршиле.

О.К. Ахаа.

Б.Ј. Заради тоа што можеби

пука се уште.

О.К. Што да пука?

Б.Ј. Пука.

О.К Кај да пука?

Б.Ј. Со пиштол.

О.К. Не те разбирам.

Б.Ј. Со пиштол пука, па ваљда не слуша поради тоа.

О.К. Како пука? Она пука? Она е на стрелиште?

Б.Ј. Да,да.

О.К. Не ме за…..ај.!

Б.Ј. Не, бе.

О.К. На стрелиште пукаат.

О.К. ХАХАХА

О.К. Ти си знаел за ова работа?

З.Милески: Не знаев.

Б.Ј. Еднаш неделно.

З.М. Обвинителите?

О.К. Еднаш неделно! Обвинителите од СЈО.

З.М. Што? Носат пиштоли со нив?

Б.Ј. Да.

Објавен е и моментот кога конечно паднал договорот за терминот за исплата.

О.К. Од овде никако ништо не може да направам.

Б.Ј. За едно про(не се разбира), наредната недела спремно.

Материјалите не се од обвинителството иако ги има таму, соопштија од ЈОРМ.

Соопштение на Јавно обвинителство на РСМ

Станува збор за аудио и видео материјали кои се дел од доказната постапка во предметот и кои до јавното обвинителство беа доставени од сведок во предметот.

Јанева која е на одмор до 15-ти август негира и оддалеку тврди дека случајот со Рекетот се користи против неа затоа што наводно во десетина истраги СЈО открило сериозен криминал.   

Писмена изјава на Катица Јанева, СПЕЦИЈАЛЕН ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ:

Во тие истраги се осомничени и се надевам дека ќе бидат обвинети многу поранешни и сегашни функционери во власта и значајни личности во партиите,  па од таму е јасно зошто некој со сите сили и со невидена медиумска хајка се обидува да го загрози мојот и кредибилитетот на СЈО како и на сите други обвинители, а со тоа се обидува да ги уништи кривичните предмети  кои се водат во обвинителството.

Ова е вторпат Јанева да спомнува истраги против функционери кои не се објавени без да даде повеќе детали за нив. И таа бара брза истрага за рекетот и најавува отчет после одмори за да се види што се сработело.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ