
Пронајдена граната во близина на локалитетот Стоби
Ова се фотографиите од отстранетата артилериска граната, пронајдена на десната страна од патот Градско – Неготино, во близина на археолошкиот локалитет Стоби. Гранатата од Втората светска војна, ја пронашле работници при чистење на патот, по што била известена полицијата од Велес. Таа повикала пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување, кој успешно ја отстранил гранатата.
„Се работи за артилериска граната со калибар ФИ-76 милиметри. Таа е од Втората светска војна. Не е од поголемите типови на гранати ФИ- 150 или 205-ка и така. Моќта е некаде во круг од околу 50 метри, убојна моќ има. Тоа е помеѓу Градско и кон локалитетот Стоби, од десната страна на патот. Покрај железниот мост, тука“, вели Марјан Стефановски од Дирекцијата за заштита и спасување.
Веста дека гранатата е пронајдена до, а не на локалитетот Стоби, како што пренесоа повеќе портали, ни ја потврди и директорот на оваа национална установа. Во телефонскиот разговор, Спасе Перовски ни изјави дека ова не е прв случај на откриена граната и дека слично откритие имало на самиот локалитет во 2009 година, при археолошки истражувања. Но, локалитетот е апсолутно безбеден, а патеките за движење се чисти, оградени и јасно обележани, потенцира Перовски.
Артилериската граната , пронајдена близу Стоби, сега е во магацин на Дирекцијата за заштита и спасување , каде се чуваат пронајдените експлозивни направи. По подготовката, тие се носат на уништување на Криволак, објаснуваат од Дирекцијата.
Сотир Трајков