
Таравари го доби спорот против МОН за одземените ингеренции
Управниот суд ја уважил тужбата на Општина Гостивар против решението на министерот за образование Арбер Адеми од 13 февруари, за одземање на надлежностите на градоначалникот Арбен Таравари за именување и разрешување на директори и истото го поништил.
Пресудата денес во јавност ја објави Таравари, коментирајќи дека Управниот суд го потврдил тоа што тие го кажувале и граѓаните веќе го знаеле – дека надлежностите биле одземени незаконски.
Тој преку својот фејсбук профил побара оставка од министерот за образование Арбер Адеми
„Почитуван „доценте”, врати ги ингеренциите, јавно извини се и поднеси си неотповиклива оставка, не поради мене, туку поради учениците и наставниците во Гостивар, кои ги малтретираш сега веќе 2 години. Правдата излезе на виделина“, напиша градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари.
Од МОН пак соопштија дека Управниот суд донел пресудата во корист на Општина Гостивар, поради тоа што од страна на Министерството не била доставена целокупната документација во врска со случајот, и дел од доставените списи биле нечитливи.
„Донесената пресуда не значи дека судот потврдува дека општината постапувала законски, ниту дека МОН не постапило правилно со носењето на одлука за одземање на ингеренциите. Врз основа на пресудата, МОН има две опции, едната е да донесе повторно решение за одземање на ингеренциите на општината и втората, да ја обжали пресудата до Виш управен суд. Ние одлучивме да ја искористиме втората опција и да се жалиме пред Вишиот управен суд“, наведуваат од Министерството за образование.
Нетрпението на реалција Општина Гостивар – Министерството за образование трае скоро две години. Министерството во два наврати му ги одзема на Таравари надлежностите за именување и разрешување на директори во училиштата, и по донесување на решенијата ги враќа старите кадри на раководните позиции.
Зоран Димовски