Деца ќе се оперираат во „Жан Митрев“ и без Чадиковски?!

Пропаѓа ли договорот за јавно-приватно партнерство меѓу министерството за здравство и клиниката „Жан Митрев“, стартуван минатата година? По оставката  на главниот хирург, д-р Владимир Чадиковски, останаа отворени голем број прашања. Кој сега ќе ги врши операциите?Ќе си замине ли целиот негов тим? Од каде ќе се најдат стручни лица и најважното, ќе бидат ли воопшто оперирани децата што чекаат операција?

Од Клиниката смируваат. Велат дека работата на детската кардиохирургија тече без никаков застој. Првиот договор со ФЗОМ за кардиоваскуларна хирургија го потпишале пред дваесеттина години и оттогаш во континуитет се изведуваат сите видови на кардиоваскуларни операции, а се третирани над 1.000 вродени срцеви маани како кај возрасни, така и кај деца и бебиња.

„Моделот за детска кардиохирургија во склоп на Клиниката тече без никаков застој. Пред само неколку денови успешно беше изведена една од најтешките и најкомплексните операции на срце кај новородени, а се прават и планови за оперативен третман за уште 20-тина деца во наредните неколку недели.Соработката со Министерството за здравство продолжува и понатаму.Нашата посветеност кон моделот останува наша главна мотивација“, велат од Клиничката болница „Жан Митрев“.

Неофицијално, токму една од причините за заминувањето на Чадиковски, е  несогласувањето со менаџментот на болницата околу завчерашната операција,под водство на доктор Жан Митрев, која беше и јавно објавена како успех на стариот и новиот тим, дојден од државната клиника, кои одлично функционирале заедно. Но, во соопштението од Клиниката нема ниту збор за причините за оставката на Чадиковски, кој пред неколку месеци заедно со осуммина други доктори направи трансфер во Клиниката „Жан Митрев” за изведување на операции на срце кај бебиња и деца во современи услови, откако државата и таа здравствена установа се договорија операциите да ги покрива Фондот. Не кажуваат ниту, дали уште некој од тимот дал или најавил оставка.

И министерот Филипче, во телефонски разговор ни рече дека, моделот останува ист, д-р Жан Митрев има европска лиценца за операции врз деца, а за ултра тешките случаи ќе се бараат лекари од Србија и Бугарија. Тој вчера имал телефонски разговор и со Чадиковски, а ќе се сретне со него и тимот, кога докторот ќе се врати од одмор.

И Чадиковски, кој утре се враќа од одмор,  најави повеќе детали за оставката, која е веќе депонирана. Иако има отказен рок од три месеци, се надева на спогодбено заминување од клиниката претходно. Наводно, целиот тим преговара за трансфер во „Аџибадем Систина„, но оттаму нема никаква информација.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ