
ЈО: 5 осомничени за злоупoтреба на службена положба и овластување во Централниот регистар
Јавното обвинителство Скопје денеска информираше за вчерашното приведување на поранешниот директор на Централниот регистар, Андреа Поповски.
Според обвинителството, Поповски, кој како кадар на ВМРО-ДПМНЕ раководел со централниот регистар, со пречекорување на своето службено овластување, усно наредил во периодот од 16.12.2014 до 29.05.2017 една вработена да биде евидентирана како редовно присутна на работа во месечните листи кои ги изготвувало Одделението за човечки ресурси, иако бил свесен дека цело време вработената воопшто нема да доаѓа на работа, туку ќе биде ангажирана за партиски активности на една политичка партија. Спротивно на законските акти и правилниците на Централниот регистар, на вработената на тој начин неосновано и била исплаќана плата и придонеси на плата, со што била нанесена значителна штета на буџетот на институцијата.
Останатите четворица вработени, од кои тројца од Одделението за човечки ресурси на Централниот регистар и едно одговорно лице за работењето на Регионалната регистрациона канцеларија – Скопје, се осомничени дека со умисла му помогнале на в.д. директорот во извршувањето на кривичното дело.
Обвинителството од Основниот кривичен суд Скопје побара определување мерка притвор за првоосомниченото лице, додека за тројца од останатите осомничени ќе биде побарано одредување мерки на претпазливост со цел да се обезбеди нивно присуство во кривичната постапка.