Меѓупартиски дијалог преку медиумите

Годишниот одмор со семејствата не ги попречува лидерите на двете најголеми партии Заев и Мицкоски да си упатуваат остри реплики, користејќи видео обраќања, социјални мрежи или партиски соопштенија. Централна тема им е новиот закон за обвинителство, за кој и работните групи не можат да се усогласат

Лидерот на опозициската партија преку фејсбук порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи закон чија единствена цел е амнестија на криминалот на Заеви и пресметка со политичките неистомисленици.

„Вие сте грешеле многу и затоа ви е потребен закон со кој ќе убедувате дека странците ќе го притиснеле Мицкоски да го поддржи законот, па така Катица како новопромовиран заменик републички обвинител и помошниците со нивните братучеди, внуци, снаи, соседи и пријатели и со по некој член на СДСМ, ќе носеле правда во „заробената држава“, а денес со голем дел од нив се уортачивте против ВМРО ДПМНЕ. Притисоците ќе поминат, Катица и останатите ќе можат да докажат дали се или не се дел од октоподот наречен „Рекет“, а вие ќе бидете поразени на избори“, напиша Мицкоски.

Очигледно е кој го кочи носењето на законот и зошто, велат во СДСМ.

Статусот на Мицкоски всушност е одговор на вчерашното видео обраќање на премиерот Заев, кој порача дека е време за конечен пораз на „заробената држава“ и ја повика ВМРО ДПМНЕ да ги поддржи решенијата со кои се заокружуваат реформите.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ