Квотите за лекови во туристичките места укинати само за август

Квотите за издавање на лекови на рецепт во туристичките центри во земјава, ќе бидат укинати само за август. Ова стои во известувањето кое аптеките во Охрид, Струга, Дојран, Ресен и Гевгелија  го добиле утрово од страна на Фондот за здравство.

Од фармацевтите е побарано, на лица кои бараат лекови за друг, да им бараат и лична карта, а бројот да го запишат на позадината од рецептот. Но, велат дека наредбата не е строга и смеат да даваат лекови на рецепт и на лица без лична идентификација.Тоа денеска го појасни и министерот Филипче на фејсбук.

Појаснувањето на министерот доаѓа по неговата вчерашна изјава дека од аптека лекот ќе може да го подигне лично оној на кого е препишан, а дека се работи и на решение за оние што не се во состојба сами да ги подигнат лековите.Мерката почна да функционира од денеска, а фармацевтите велат дека ќе има ефект само ако не биде ограничена на одреден временски период.

Од опозицијата, пак, обвинија дека и ова е мерка за дефокусирање на јавноста од скандалот „Рекет“.

Укинувањето на квотите во аптеките во туристичките региони е најавено како прв чекор кон целосно укинување во сите аптеки во државата кое треба да се спроведе во целост најдоцна до октомври.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ