
Богов: Македонската економија е подготвена за можни нови потреси на пазарите
Доколку на светските финансиски пазари дојде до нови турбуленции, откако минатата недела силниот пад на американската берза ги стресе и сите други ширум светот, македонската економија за нив е добро подготвена, уверува гувернерот Богов. Допрва ќе се види дали на светската економија навистина и оди толку добро или ова е само надуван меур кој може повторно да се распрсне. Кај нас банкарскиот и финансискиот сектор сега се силни и отпорни на евентуални шокови, кризата од 2008 сигурно нема да се повтори, но мора да внимаваме.
„Сепак, македонската економија треба да биде внимателна и да биде добро подготвена. Во минатиот период и ние презедовме низа мерки со кои го зајакнавме банкарскиот сектор. Последните години имаме намалување на буџетскиот дефицит, а верувам дека во наредниот период ќе дојде и до стабилизирање на јавниот долг. Фактот што во јануари беше издадена еврообврзница во многу поволен амбиент е позитивен. Тоа обезбедува од сите ризици и имаме доволно средства до средината на идната година. Се тоа дава уверување дека македонската економија е подготвена за вакви турбуленции кои може да се случат на светските финансиски пазари“, вели гувернерот Богов.
Играчите на светските пазари се нервозни бидејќи е јасно дека пари во економијата веќе нема да се вбризгуваат како досега. Добро е што во догледно време Европската централна банка нема да ја зголемува каматата, а и кај нас амбиентот е поволен. Дава ли тоа надеж дека може да се намали референтната камата на НБМ, која сега е на ниво од 3,25 отсто и од која зависи формирањето на сите банкарски камати?
„И тоа прашање не се исклучува, се зависи од тоа како ќе се одвиваат прашањата околу оние неекономски ризици, фискалната политика, платниот биланс, и случувањата на девизниот пазар, и тоа поврзано со политиките и каматната стапка на ЕЦБ, може да доведе да имаме движење и во таа насока“, вели Богов.
Овие фактори во иднина ќе бидат пресудни за домашните каматни стапки, дециден е гувернерот.
Токму глобалните предизвици во светот на парите ќе се дебатираат на меѓународната конференција чии домаќин во петок ќе биде Народна банка, на која ќе присуствуваат еминентни говорници, а меѓу нив и Беноа Кере, еден од шесте постојани членови на ЕЦБ, како и Тао Џанг, заменик главен директор на Меѓународниот монетарен фонд.
Нина Нинеска-Фиданоска