
САД во шок – 29 луѓе убиени во масакрите во Ел Пасо и Дејтон
Два масакри во временски период од неколку часови ги потресоа Соединетите американски држави.
Првото масовно убиство се случи во продавница на Волмарт, во близина на трговскиот центар Сиело Виста во градот Ел Пасо, во сојузната американска држава Тексас. 20 луѓе се убиени а 26 ранети кога напаѓачот, идентификуван како 21-годишниот Патрик Крусиус од Далас, отворил оган од автомаско оружје во толпата купувачи во продавницата.
Полицијата го уапсила убиецот, без да биде испукан ниту еден куршум.
Шефот на полицијата во Ел Пасо изјави дека властите анализираат дали уапсениот напаѓач е автор на документот објавен на интернет кој навестува дека станува збор за злосторство од омраза кон имигрантите и луѓето кои не се белци.
“Не можам сега да навлегувам во детали за тоа, затоа што мора со сигурност да потврдиме дека овој објавен манифест е дело на овој човек кој ние го уапсивме но и покрај тоа мора да имаме предвид дека ова лице се уште има право на фер процес и законска процедура” – изјави шефот на полицијата во Ел Пасо, Грег Ален.
Како и секој пат при вакви крвави инциденти, типични за САД, каде правото на обичните луѓе да купуваат огнено оружје од секаков вид и без многу проверки се смета за недопирливо и уставно заштитено, политичарите едноставно изразуваат згрозеност и сочуство.
“Нашите срца се со жртвите на овој ужасен инцидент” – изјави гувернерот на Тексас, Републиканецот Грег Абот, кој пред 4 години ги потпиша и законите со кои во државата – бастион на конзервативците, го дозволи носењето огнено оружје на универзитетите но и т.к.н open carry, односно отворено носење огнено оружје во јавност.
“Видете, ова е одвратно, не може да се толерира, не е карактеристично за Тексас и ние агресивно ќе го гониме за масовно убиство но исто така и злосторство од омраза, што очигледно и претставува, иако ги немаме сите докази во моментов и јас не сакам да избрзувам” – порача гувернерот на Тексас, Грег Абот.
Градот Ел Пасо е во западен Тексас, на самата граница со Мексико.
Овој град има околу 680 000 жители и 80% од населението се латино-американци. Неговиот град близнак, веднаш од мексиканската страна на границата е Сиудад Хуарез и повеќе од 23 000 луѓе секојдневно пеш ја минуваат границата и работат во Ел Пасо.
Претседателот на Мексико, Андрес Мануел Обрадор потврди дека тројца од убиените се жители на неговата држава.
“Пукањето не вознемири затоа што сите ние сме го посетиле Ел Пасо, имаме семејства во Ел Пасо, работиме таму, имаме пријатели, се школуваме таму. Затоа ова што се случува не можеме да го игнорираме” – изјави Лусија Валенсија, жителка на Сиудад Хуарез.
Преку твитер, убиството во Ел Пасо го осуди и Претседателот Доналд Трамп, чиј политички подем 2015-тата година започна токму со прес конференцијата на која жестоко ги осуди имигрантите од Мексико, нарекувајќи голем дел од нив убијци, дилери на дрога и силувачи.
По шокот од крвопролевањето во Ел Пасо, 13 часа подоцна, ново масовно убиство ги потресе жителите на градот Дејтон, во државата Охајо.
9 луѓе се убиени а 26 ранети во пукањето кое се случило во дел од градот каде има повеќе барови и ноќни клубови.
Напаѓачот исто така бил смртно застрелан од полицајците кои први пристигнале на местото на настанот а во престрелката нема повредени припадници на безбедносните сили.
Полицијата верува дека нападот бил извршен од едно лице а засега нема информации за мотивот и позадината на ова масовно убиство.
Никола Илиевски