Граѓаните поделени, а таксистите против најавената промена на имињата на улиците

До пред 10 – тина години беа препознатливи како улица „Ленинова“, „Мексичка“ или булевар ЈНА, а претходната власт им ги смени имињата во „ Аминта Трети“, „ Петре Пирузе“, булевар „Климент Охридски“. Дали скопските улици повторно ќе се вратат на старите или ќе добијат нови имиња?

Град Скопје започна анкета за промена на имињата на улиците. До 18 август, граѓаните по писмен или електронски пат ќе можат да ги испраќаат своите предлози за нови имиња на улиците. Но, во принцип граѓаните се поделени. На некои од нив им се допаѓа оваа иницијатива за промена на имињата, а на некои не !

Граѓаните кои се за промена на имињата на улиците, бараат да им се вратат старите имиња од пред 10 години, кои како што велат, од обест ги менувала поранешната власт, а тие кои се против промена на имињата, велат дека треба да запре праксата секоја власт како ќе дојде да ги менува имињата на улиците, зашто поштарите тешко ги наоѓаат за достава на пратки.

„Нека не се менуваат. Еднаш за секогаш нека останат. Зошто им пречеа и на едните и на другите, да ги менуваат? Народот се навикнал на едни, сега па на други. Поштарите не знаат каде да носат пратки“, вели една жителка на Скопје.

„Нечии хирови, на некои недоветни политичари што не водеа, мислам дека треба да се исправат. И да се стават некои имиња , од инает, како Аминта Трети, на историски личности што реално не се дел од нашата историја, мислам дека е апсурд, самото по себе.“

Иако пред 1 декада, за кратко време ги научиле новите имиња на улиците, такси превозниците сметаат дека не е потребна нова промена на имињата.

„Ќе ни биде малку потешко, меѓутоа ќе ги научиме. Иако не се сложувам со промена на имињата на улиците. Што им недостасува на досегашниве имиња?“, ни рече еден од нив.

Според Градоначалникот Шилегов, анкетата за предлагање имиња, е само почеток на постапката против насилното и неприродно именување на улиците, од страна на претходната власт, во која Градот сака да ги чуе различните мислења на граѓаните. По собраните предлози, Комисијата за именување на улици и друга инфраструктура при Советот на град Скопје,  листата ќе ја достави до Советот, кој ќе одлучува, по добиената согласност од општините и Владата. Поради сложеноста на постапката, од Град Скопје велат дека не можат од сега да прецизираат кога ќе заврши целата постапка, но потенцираат дека граѓаните нема да се изложуваат на нови трошци, зашто промената на личните докумнти треба да ја направат кога ќе им истечат, а не заради евентуална промена на името на улицата.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ