
Правда го доби барањето за екстрадиција на Томор Морина, Србија очекува позитивен одговор
Барањето за екстрадиција на Томор Морина доцна синоќа пристигнало во Министерството за правда. Оттаму велат дека, поради празникот, во понеделник ќе го проследат барањето до судовите што треба да одлучат дали ќе биде прифатено. Но, албанските медиуми шпекулираат дека, Морина до тогаш ќе биде пуштен од притвор. Според пишувањата, се` било подготвено за негово пуштање уште во петокот, но тоа не се случи поради „политичко мешање“. Денеска српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, изјави дека не може да верува оти Македонија нема да го екстрадира Тимор Морина, бидејќи тоа би било непочитување на меѓународното право.
„Сите земји што се дел од Интерпол треба да се придржуваат кон меѓународните прописи. Македонија треба, врз основа на потерницата и документит, кои Србија ги има пратено, да го предаде Морина на државните органи кои на тоа имаат право“, рече Стефановиќ.
Стефановиќ оцени дека загрижува тоа што „претставниците на приштинските власти тврдат дека тоа нема да се случи“ што, како што кажа „упатува дека се во дослух со органите на Македонија“. Додаде дека не може да замисли дека „Македонија, себеси тоа ќе си го дозволи.
„Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, рече дека тие ќе го почитуваат меѓународното право, што значи екстрадиција на српските органи. Ако тоа не се случи, ќе видиме што ќе правиме натаму, не сакам да прејудицирам“, додаде Стефановиќ.
Премиерот Заев, одговарајќи на пратеничко прашање во четвртокот рече дека, мора да се почитува владеењето на правото и меѓународните нормативи, а за Морина ќе решат надлежните институции. Сепак, додаде и дека Морина е граѓанин на Косово, а не на Србија, а според меѓународното право, не може да се екстрадира во друга земја државјанин на туѓа држава.
Тимор Морина, поранешен припадник на Ослободителната војска на Косово, беше уапсен во Македонија, откако беше изден налог од Интерпол. Србија го бара под сомнение за сторени воени злосторства против цивили за време на конфликтот во Косово. Откако му беше одреден 30-дневен притвор, реагираше владејачката ДУИ, а вицепремиерот Бујар Османи го посети и во затворот, барајќи да биде ослободен.
Далиборка Демјанска Цветановска