Лов на грешни полицајци

Ветингот во полицијата ќе почне како школска година, до 20-ти август да се напише како треба да се проверуваат полициските службеници, а потоа ќе се стартува со проверката дали чуварите на редот и законот го прекршиле законот. Главни сомнежи се дека има полицајци кои на нелегален начин се збогатиле и дека има полицајци кои облекле сина униформа со фалисфикувани дипломи.

Опозицијата неколку пати идејата на Спасовски за полициски ветинг ја оцени како идеја за справување со неистомисленици и со професионални полицајци. И покрај таквите критики, владата вчера одлучи до крајот на летото да се напише оперативен план и да почне проверката на полицајците.

Датумот 20-ти август се поклопува со датумот до кога треба да бидат селектирани кадрите на УБК кои ќе продолжат да работат во новата Агенција за национална безбедност.

Инаку и покрај обврската на полицајците да даваат имотни листови во нивната внатрешна контрола, тие имоти никогаш не се проверуваа ниту пак се дополнуваа. Имотните листови стоеја заклучени во сефови, донирани од странска амбасада. Во јануари, со измените на законот за спречување на корупција и судир на интереси се укина таа обврска за полицајците и сега не треба да кажуваат со колкав имот облекле униформа и за колку се збогатиле во кариерата. ГРЕКО во последниот извештај оцени дека одлуката е погрешна, но досега нема назнака дека полицајците повторно ќе треба да кажат каков имот поседуваат.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ