
Половина милијарда евра заем од три странски банки за новиот клинички центар
Владата го отпочнува вториот најскап државен проект по „Скопје 2014-та“. Чисти 500 милиони евра плус камати, непредвидени трошоци и буџетски вложувања за патишта и комунални приклучоци ќе проголата идниот клинички центар во општина Ѓорче Петров. Владата дала зелено светло, министерството за финансии да се задолжи кај странски банкарски конзорциум. Од 18 кредитори, 6 дале понуда, а најниска камата и кредитна програма понудиле австријците со уште две банки партнери. Колку пари за камати и колку години земјата ќе се оддолжува за најмодерните здравствени услуги, се уште не се знае.
Пространството од 104,000 метри квадратни во клиники ќе чини најмалку 4800 евра за еден квадрат. На почетокот на наредната година ќе се избираат десетици фирми кои ќе цртаат, градат и набавуваат опрема, во еден здружен тендер. За 3,5 години од сега министерот Венко Филпче се надева дека ќе го прими првиот пациент во новиот објект.
Децениската идеја за клинички центар надвор од Скопје првично требаше да чини 72 милиони евра, но актуелната власт го отфрли овој план како нецелосен, бидејќи тој објект немал да нуди целосна здравствена услуга. Филипче, побара поддршка од опозицијата за наредните 7 години без опструкции да се реализира еден од најскапите државни проекти.
Павле Беловски