
Боки 13 на лекар, сведоците на „слободно“ од Обвинителство
Од Шутка на хируршки клиники, Бојан јовановски алиас Боки 13 по десетина дена пауза се појави во јавноста, но со полициска придружба и на лекарски преглед на скопска државна.
“Бојан Јовановски кој е во притвор за случајот на ОЈО познат како „Рекет“, денеска е пренесен на скопските клиники на испитувања кои биле потребни по претходно закажан оперативен зафат” – соопшти затворот Шутка.
Според нашите информации, притвореникот Јовановски претходно имал закажано зафат во приватна болница, но самиот сакал да се префрли на државно затоа што таа болница е поврзана со сведокот во случајот Рекет. Законските правила се дека притворениците првин мора да одат на државна клиника па доколку нема можности за лекување таму , може да одат на друго место или пак сами да платат операција во приватна клиника.
Дијагнозата и болеста на Јовановски не се откриваат. Боки 13 бил на хируршките клиники на приземје, а таму е видена и полициска патрола која се наоѓала во блзиина на амбулантите за дигестивно-абдоминална хирургија. Директорот на дигестивна Зоран Караџов кратко ни кажа дека нема информација за пациентот од скопскиот затвор.
Инаку Јовановски со закажана операција бараше да не му се определува притвор, но судот го прати во Шутка каде замина заедно со Зоран Милески- Кичеец, и двајца осомничени за рекетирање односно за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари.
Во истрагата минатиот петок на распит беше повикан Стефан Богоев, но не даде информации за што сведочел во истрагата за Боки 13.
Од обвинителството денеска само кратко ни изјавија дека нема ново повикани сведоци на распит. Досега исказ покрај Богоев дале и битолската градоначалничка и по сопствено барање еден новинар од ТВ 1, каде како сопственик се претставуваше Боки 13.
Обвинителството не споделува информации дали е завршено вештачењето на вториот телефон на Катица Јанева и дали ќе прават претрес и распити во СЈО, откако беше објавено дека во ова обвинителство се прават обиди за чистење на компјутерска содржина.
Миомир Серафиновиќ