Се полни јавниот сектор – бројни огласи за нови вработувања

Ред се редат огласи за нови вработувања на државни јасли. Повеќе државни институции деновиве објавија огласи за примање вработени, некои и со прилично солидни плати. Останува ли јавниот сектор и натаму најпривлечна дестинација за вработување, особено на заслужни кадри.

Најголемите среќници ќе бидат оние во Агенцијата за цивилно воздухопловство, таму раководителот на Одделението за пловидбеност ќе има плата од 117 илјади денари, вишиот соработник над 45, а советникот 48 илјади.

Центарот за управување со кризи бара 7 вработени, од раководители, референти, соработници и други профили, платата се движи и до 38 илјади денари. И сродната институција – Дирекцијата за заштита и спасување ќе прима луѓе, таму ќе се вработат осуммина, соработници и раководители, овде ќе има плати до 28 илјади.

Се екипира и Агенцијата за примена на јазикот, најавила дека ќе прими 13-мина, се бараат државни советници – преведувачи и лектори, раководители на одделенија, и други кадри. Платата одлична, највисоката 38 илјади денари.

Со двајца ќе се поднови и Турскиот театар во Скопје, платата до над 27 илјади денари.

Агенцијата за вработување, пак, бара петмина, раководители на регионалните центри за вработување, сите ќе имаат плати по над 28 илјади денари.

Со тројца кадри ќе се екипира и Агенцијата за супервизија на осигурување, соработници и советници, плати до 41.600 денари. Двајца нови ќе се примаат и во Агенцијата за енергетика, плата до 25 илјади денари.

И додека јавниот сектор се полни, власта и натаму ја турка идејата за реформа на администрацијата – вишокот вработени таму да бидат преземени од приватниот бизнис. Од ССК веќе предупредија дека за ова ќе биде потреба длабока анализа, а ќе мора да се решат и отворените дилеми – дали и какво образование и вештини поседуваат овие вработени за да се атрактивни за приватните фирми, кој ќе ги обучува и кој ќе го плати тоа.

„Предизвиците се бројни, како мислењето за високата атрактивност за вработување во јавната администрација, општото мнение дека работата таму нуди поголема сигурност, но и дека се вложува помалку труд.  Воедно, со исклучок на одредени сектори, платите во јавната администрација се во просек повисоки од платите во приватниот сектор“, велат од ССК. 

Се прашуваат дали овој модел воопшто ќе биде успешен, но и дали буџетарите ќе сакаат да преминат во приватни фирми. Од МИОА експресно им одговорија, бараат добри идеи.

„Трансферот е нов концепт, и секако дека има голем дел отворени прашања и дилеми, кои за да се затворат неопходни се конструктивни предлози од сите засегнати страни. Свесни сме дека моменталната состојба со работната сила и во двата сектори е неодржлива, и одлучни сме тоа да го промениме со заеднички сили и работа“, велат од МИОА.

Се планира реформата да почне до крајот на годинава, се разгледува можноста тие што ќе одат во приватен сектор да добијат одредени пакети, но кој модел ќе се одбере, ќе се знае по анализите. Колку административци се сметаат за вишок не се знае, синдикатите предупредија дека нема да дозволат неодобрени префрлања.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ