Се бара детална истрага за наредбата за форензичко бришење на компјутерите на СЈО

ВМРО-ДПМНЕ бараат детална истрага за скандалот со наредбата на Катица Јанева за форензичко бришење на податоци од компјутерите во СЈО. Велат дека, ова само ја потврдува нејзината вина и дека таа повеќе не смее да остане обвинител, а СЈО не може да продолжи со работа. Бараат истрага и за вмешаноста на лица од власта во целиот случајот „Рекет“.

„Очигледно после ваков скандал Катица Јанева има нешто да сокрие, а штом се уште мочлат сите и обвинителството и власта, а не се наоѓа Катица Јанева на распит во обвинителството се уште, тоа значи дека и нејзе сака некој да ја скрие и да го премолчи целиот овој скандал и изнолвираноста на Јанева во него“, рече Димче Арсовски.

На ова реагираа од СДСМ.

„За разлика од времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога не се постапуваше, не се покренуваа случаи против режимот и кога требаше народ да се крене против корупцијата, денес постои заштитен механизам на релација граѓани – обвинителство – МВР кој го штити општеството и кој може да се справи со евентуални случаи на корупција. Државата изгради институции и создаде систем коишто се борат против корупцијата и криминалот.“

Веста дека Јанева побарала од вработените во ИТ-секторот да спроведат т.н. „форензичко бришење“ на компјутерите во СЈО, беше објавена во емисијата 360 степени на Алсат. СЈО демантираше, на што реагираше уредникот на емисијата, велејќи дека, биле свесни дека, написи базирани на анонимни извори, особено кога нема писмени траги, се најподатливи за „демант“, но сепак решиле да ги објават.

Во емисијата се тврди дека, наредбата од Јанева била дадена усно и веќе биле преземени подготвителни активности за да се спроведе. Постапката требало да ги опфати сите компјутери во ова обвинителство. Во демантот на СЈО, пак, стои дека, Јанева нема дадено таква наредба, а дека сите активности кои во континуитет се преземаат се единствено во насока на зачувување на податоците, информациите, документите и списите кои се предмет на работењето на ова обвинителството. За случајот се огласи и обвинителката Вилма Рускоска, која побара трпение, велејќи дека сите информации се проверуваат по што ќе се донесе одлука за преземање на какви било мерки.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ