
Кога ќе стартува зголемениот минималец од 13 илјади, уште нема одговор од власта
Ветена да се зголеми на први јули на 13 илјади денари, еден месец по пробиениот рок, се уште нема информации кога ќе почне да се исплаќа и колку ќе изнесува новата минимална плата. Од Владата велат дека уште не се завршени преговорите со бизнисот, но и тие ги прават своите пресметки. Текстилците веќе укажаа дека ново зголемување може да им нанесе удар и стравуваат од отпуштања. Од ССК, пак, предупредуваат дека секое зголемување што е вештачки наметнато, може да биде штетно за нив, советуваат да се следат пазарните услови.
„Нормално, по редот на нештата, и природно ќе треба да ги зголемиме платите во оние сектори каде што немаме доволно работници. Се што е наметнато и вештачко, да верувате дека не може да вроди со квалитетни и до добри резултати“, вели Данела Арсовска, претседателка на Сојуз на стопански комори.
Од Организацијата на работодавачи велат дека дијалогот со власта почнал, но не знаат зошто не е продолжен.
„Мене ми е малку чудно, не знам зошто, можеби заради сите овие политички настани и претумбации во општеството, не се продолжи тој дијалог. Ние имавме една комисија во која учествува Орг. на работодавачи, текстилот за кластер, министерствата за финансии и за труд и социјала, изготвивме предлог за субвенционирање на платите во случај ако дојде до покачување на минималната плата повеќе од сегашната од 12.500 денари“, вели Димитров, претседател на Организација на работодавачи.
Идејата на предлогот е државата на фирмите да им покрие дел од придонесите, за тие да ги зголемат платите, но и да останат конкурентни и да не мора да отпуштаат работници.
„Сегашното субвенционирање кое е 30 отсто од порастот на бруто платите до максимум 1.200 денари, се согласивне дека тоа треба да биде барем 50 отсто од придонесите, бидејќи работодавачите кои исплаќаат плата во кеш така ќе се дестимулираат тоа да го прават, бидејќи на тој износ придонесите ќе им ги субвенционира државата“, вели Димитров.
Од Владата нема прецизен одговор кога би стартувал зголемениот минималец, велат првото покачување дало ефекти, но платите растат и заради подобрите економски резултати. Сега се разгледува идејата за субвенционирање на придонесите што ја бара бизнисот.
„Ценејќи дека како Влада треба да поддржиме раст на платите, но и да му помогнеме на стопанството тоа да го издржи, сме со намера да ја воведеме оваа мерка, сега ја разгледуваме, сите бројки ќе ги ставиме на маса“, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
Во моментов минималната плата е на ниво од 12.500 денари, а оваа Влада предизборно вети дека до крајот на нивниот мандат минималецот ќе се искачи до 16 илјади денари.
Нина Нинеска-Фиданоска