
Наместо игралишта, во парк шумата Гази баба обид за изградба на плац за камиони
Ова е плацот на кој од четвртокот се раздвижени камиони и багери. Се реди тампон и се спрема изградба, најверојатно на паринг плац за тешки товарни возила. Уште од рано утрово механизацијата започнала да носи песок и чакал и да го подготвува теренот на кој е предвидено да има спортски игралишта и зеленило. Ова ги алармирало жителите од околните згради кои пријавиле во општинскиот инспекторат.
Двајца инспектори од град Скопје и од Гази Баба со асистенција на полицијата извршија увид на состојбата. И двајцата потврдуваат дека се работи за приватно земјиште, но на кое според деталниот урбанистички план е предвидено да има зеленило а не било каква градба. Уште поспорно е тоа што плацот се наоѓа на почетокот на парк шумата Гази Баба, што е заштитено подрачје.
На местото беше присутен човек кој се претстави дека плацот е негов и дека не се работи за фирма. Но не дозволуваше снимање.
Според дел од сведочењето на жителите пак механизацијата е на фирмата „Хитачи констракш“ од Скопје. Телма се обиде да контактира со сопственикот, но тој не беше достапен на мобилниот телефон. За сега забрането е да продолжат градежните активности на плацот, а доколку не се почитуваат ќе има кривична пријава.
Жителите на Гази Баба пак се исплашени советниците од општинскиот совет да не го променат Деталниот урбанистички план и наместо игралишта тука да изникне паркинг плац.
Ова не е прв обид за изградба на ова земјиште. Уште пред неколку години имало обиди, но поради ДУП-от и заштитеното подрачје градбата била стопирана.
Билјана Николовска