
Рикер лично и на Мицкоски му кажа дека не е време за политички игри
Опозицијата да не го одолговлекува носењето на Законот за јавно обвинителство и да биде конструктивна. Времето на политички игри е поминато. Со оваа порака до опозицијата в.д. помошник државниот секретар на САД, Филип Рикер, отиде на средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, која траеше еден час иако во агендата за неа беа предвидени 30 минути.
Рикер по средбата изјави оти се надева дека ќе види позитивно придвижување, особено кога станува збор за законот за СЈО и Јавното обвинителство, бидејќи тоа е многу важно за ЕУ перспективите на земјата и отоворањето на преговорите.
„Но на силите во оваа држава е да ја направат вистинската работа, да не играат игри и конструктивно да се придвижат заедно напред за иднината на земјата“, изјави Филип Рикер, в.д. помошник државен секретар на САД.
Високиот американски дипломат утрово по средбата во владата упати многу директна порака до опозицијата околу носењето на законот за Јавното обвинителство, велејќи дека е време опозицијата да се приклучи во процесите кои ќе ја придвижат земјата напред.
„Во секоја вистинска демократија улогата на опозицијата е клучна, но опозицијата мора да биде конструктивна. Времето за политички игри, истакнување и играње со перспективите и идеите на граѓаните е поминато. Мојата порака ќе биде едноставна: Време е да се приклучи за да е придвижат работите за земјата“, рече Филип Рикер, в.д. помошник државен секретар на САД.
Рикер порача САД сака да а работи со сите политички партии во Северна Македонија, но за да го направи тоа, мора да види и серизоно конструктивни напори од другата страна.
„Времето на задржување од страна на опозицијата навистина треба да заврши и се надевам дека ќе има конструктивен пристап од опозицијата. Законот за СЈО мора да се придвижи, а неговото усвојување сега ќе обезбеди дека тоа нема да биде прашање кога ЕУ ќе реши да ги отвори пристапните преговори оваа есен“, изјави Филип Рикер, в.д. помошник државен секретар на САД.
Тој нацрт-верзија на законот за Јавното обвинителство рече дека е добра основа и ги охрабри сите тој процес брзо да заврши. Според него исто така мора да и се покаже дека има владеење на правото и оти никој не е над законите. Тој повика и на транспарентно продолжување на истрагите.
Премиерот Заев со кого Рикер прво разговараше утрово, рече дека носењето на законот со поддршка од опозицијата е посакуван начин, што доколку не се случи, државата ќе мора да пристапи кон непосакувани начини за да се донесе законот.
„И тогаш државата ќе биде во непријатна состојба да изнаоѓа непосакувани начини за да може да продолжи Јавното обвинителство да работи“, изајви Зоран Заев, премеир на Македонија.
Заев повторно денеска ја повика опозицијата заедно да направат исчекор за усвојувањето на законот за јавно обвинителство.
Тамара Грнчароска