
Рикер до ВМРО ДПМНЕ: Времето на политички игри заврши
Времето на политички игри заврши, и опозицијата ќе мора да биде конструктивна кога станува збор за донесување на законот за СЈО, порача вршителот на должност помошникот државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер, на денешната прес конференција со премиерот Зоран Заев. Тој рече дека САД сака да разговара со сите политички партии во Македонија, но мора да види разумни напори кои треба да ја однесат земјата до почеток на преговори со ЕУ. Усвојувањето на законот за ЈО значи дека ЕУ наесен ќе ги отвори пристапните преговори за членство, порача Рикер, со што на граѓаните ќе им се отвори една поблескава иднина.
На средбата со премиерот Заев, Рикер ја подвлекол важноста за донесување на законот за ЈО. Рече дека земјата мора да се осигура дека владее правото, истрагите да бидат транспарентни и на граѓаните да им се докаже дека никој не е над законот.
Ги поздрави досегашните реформи, посебно Преспанскиот договор, кој според него е модел за храбри решенија на проблемите. Сето ова, носи и економски просперитет за граѓаните. Истакна дека американскиот претседател Трамп ја потенцирал важноста од затворање на старите проблеми и САД секогаш ќе бидат поддршка за просперитетот на Македонија и за сите заеднички вредности.
Премиерот Заев рече дека владата останува посветена на реформите, отворена за соработка со опозицијата за следниот исчекор, а тоа е усвојување на законот за ЈО.