
Фирмата на советникот на ДУИ добила тендери тешки 200 000 илјади евра
Откако стана популарен со дивоградбата која ја градеше на охридското крајбрежје, сега советникот Нефи Усеини го следи нов скандал.
Нешто помалку од 200 илјади евра тежат тендерите кои само годинава фирмата Нефи ИК ги добила од охридските јавни претпријатија Нискоградба, Комуналец и Градски гробишта.
Во моментов Охридски комуналец има три активни договори градежната фирма чиј сопственик во исто време е и советник во Охридскиот совет.
Ја одржува депонијата Буково за околу 50 илјади евра, за услуги за машини и камиони пак има два договори со комуналец кои се над 110 илјади евра. Јавното претпријатие Градски гробишта пак ја ангажирала фирмата на Нефи уште во јануари за набавка на песок.
Договорот е на 26 000 илјади евра. Последниот склучен на 10 ти јули годинава пак е меѓу ЈП нискоградба и Нефи и е за бетонски плочи кои чинат 20 илјади евра.
Од Нискоградба засега не откриваат дали ќе ги раскинат договорите, Комуналец и Градски гробишта велат дека ќе ги почитуваат препораките на антикорупционерите.
Скандалот со советникот на ДУИ изби кога се дозна дека тој гради Пицерија дивоградба во центарот на Охрид. По ова сам се јави на тендерот за да си ја урива сопствената дивоградба.
Општината побара мислење дали постои судир на интереси бидејќи токму фирма на советник аплицирала да извршува градежни работи за уривање на дивоградбите на охридското крајбрежје.
Антикорупциската комисија сега утврди дека законот е прекршен и наложи ништовност на договорите. Од општината не прецизираат дали тоа значи дека ќе ја дисквалификуваат НефиК од тендерот кој се уште не е завршен.
Велат дека ќе постапат согласно законот. Телма се обиде да разговара и со советникот за да го праша дали ќе се откаже од тендерите, од функцијата или од фирмата но на повикот одговори неговиот брат.
Инаку неговата фирма во 2018 година ја одржувала и гратската депонија во струга за 80 000 илјади евра, а токму градоначалникот на Струга Рамис Мерко ја пресече црвената лента на отворањето на пицеријата дивоградба.
Билјана Николовска