
Законот за Обвинителството е црвената линија на ЕУ за датум во октомври
Носењето на законот за Јавно обвинителство е најважната црвена линија на Европската унија за датум за преговори во октомври. Оваа порака денеска лично на политичките лидери им ја пренесе еврокомесарот, Јоханес Хан, кој рече дека допатувал во Скопје за да разговара со нив за реформите во владеењето на правото, особено за независноста на судството и одговорноста.
„Ова вклучува и усвојување на закони кои ќе обезбедат дека работата на случаите кои се во надлежност на СЈО ќе продолжат. Ова е од клучна важност за земјата. Сите партии и надлежни треба да продолжат да ја покажуваат својата посветеност да се борат против неказнивоста и да се дозволи владеењето на правото да надвладее. Напорите во оваа област мора да продолжат за да се демонстрира нулта толеранција кон корупцијата и организираниот криминал“, порача Јоханес Хан, еврокомесарот за проширување.
Хан беше дециден дека Европската комисија очекува без оглед кој и да е засегнат судскиот систем да мора да дејствува според законите и тој да се однесува за сите.
Тој освен барањето до политичките партии да покажат одговорност во интерес на иднината на земјата и да испорачаат закон за Јавно обвинителство до октомври, им кажа и што не смеат да направат.
„За нас има неколку црвени линии и можам да кажам дека најважната е дека кое и да е решението, да се земе предвид дека во текот на преодниот период не може да има изгубени предмети. Не смее да има нечија неказнивост бидејќи во преодниот периодот не постоела можност за исполнување на некои рокови и случаите понатаму да не се водат. Тоа мора да биде гарантирано. Тоа е нашето разбирање на владеењето на правото“, изјава Хан.
Премиер Зоран Заев пред Хан рече дека никој во земјава не е привилегиран и нема да биде амнестиран и го охрабри Обвинителството да продолжи со постапката во „случајот Рекет“ без разлика до кого ќе стигне. За Законот за Јавното обвинителство тој упати и директна порака до опозицијата.
„Верувам дека секој ден даваме се повеќе прични на сите земји членки да ја потврдат толку очекуваната октомвриска одлука. Ајде сега, и власта и опозицијата, да покажеме дека ќе им го дадеме и најсилниот аргумент, а тоа е законот за Јавно обвинителство“, рече Заев.
Заев притоа го оцени предложениот закон како вин-вин ситуација, бидејќи во него биле вклучени сите прелози на опозицијата. Поради тоа тој очекува до крајот на месецов во Собранието да биде постигнат политички консензус за законот, а до почетокот на септември и да биде усвоен.
И Хан и Заев се уверени дека во октомври лидерите на ЕУ ќе го испорачаат она што го ветија и земјата го заслужила, а тоа е датум за старт на преговори.
Хан пораките лично им ги пренесе и на лидерот на ДУИ и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, а разговараше и со претседателот на државата.
Тамара Грнчароска