ТАВ ќе инвестира 45 милиони евра во повеќе проекти во Македонија

Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот без ресор Аднан Ќахил, во рамки на неговата посета на Турција се сретна со претставници на Групацијата ТАВ, односно главниот менаџер, Мустафа Сани Шенер, заменик менаџерот Серкан Каптан и генералниот менаџер на ТАВ Македонија, Алп Ер Тунга Ерсој.

Како што информираат од владината прес-служба, на средбата биле утврдени приоритетите за инвестицијата од 45 милиони евра од концесионерот на аеродромот во Скопје, ТАВ.

Парите ќе бидат вложени во значајни проекти за граѓаните на нашата држава, соопшти по средбата владината прес-служба.

– Станува збор за инвестиции во градинки, училишта, одводни и канализациски мрежи и локални и регионални патишта, она што им е реално потребно на нашите граѓани. И јас сум искрено задоволен што од оваа инвестиција директна полза ќе почувствуваат граѓаните на Република Македонија, рекол на средбата премиерот Заев, кој од вчера престојува во посета на Турција.

Претставнците на ТАВ истакнале дека има договор и дека истиот со задоволство ќе го реализираат, истовремено изразувајќи благодарност за добрата соработка со премиерот и новата Влада, како и поддршката во заложбите за развој на земјата.

– Со самото тоа што посетата на Република Турција ја започнавме синоќа, веднаш по доаѓањето, со вечера со турските бизнисмени, покажуваме дека сме силно определени да ја интензивираме добрата економска соработка меѓу двете држави, навел премиерот Заев на средбата.

Премиерот Заев и делегацијата од Македонија по средбата со претставниците од ТАВ го посетија Мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк, каде положија венец и се потпишаа во Спомен книгата.

Следуваат средбите со владино-државниот врв во рамки на официјалната посета на премиерот Зоран Заев на Република Турција.

Заев ќе се сретне со неговиот домаќин, премиерот Бинали Јилдирим, претседателот на Собранието на Турција Исмаил Кахраман и со претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Официјалната посета на македонскиот премиер на Турција почна синоќа со обраќање пред претставниците на ТОББ, Сојузот на стопански комори и берзи на Република Турција.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ