Чекање на терминалите – проблеми со новиот систем на Царината

Затаи ли новиот систем на Царината, кој воведен пред три недели, требаше да го забрза протокот и да го намали чекањето на границите и терминалите, или се работи за стартни детски болести?

Телма го забележа револтот на транспортерите, велат на терминалите чекаат по неколку дена и имаат големи трошоци кои нема кој да им ги покрие. Им рекле дека има проблеми со новиот систем на царинење.

Сепак, расположени јавно да зборуваат беа српските превозници, оние од земјава одбраа да не говорат во камера. И шпедитерите имале тешкотии, но јавно не зборуваа.

„Имаме проблеми со документите. Дојдов во понеделникот вечер, еве денеска е среда, а документите уште не се направени. Никој не не прашува колкави се нашите трошоци. Ми работи фрижидерот по цел ден, имам трошоци за гориво, плус за терминал. Треба да се направи нешто тој процес да се забрза“, вели Стеван Гориќ, превозник од Србија.

Тој вакви проблеми имал и минатиот четврток, кога морал да чека цел ден. Друг превозник имаше среќа да ги добие документите веднаш откако ни даде изјава.

„Еве седам тука три дена, никој ниту ми се обраќа ни ништо. Велат системот е проблем, системот не им работи. Само за терминал имам трошоци од 40 евра, плус овде мои лични трошоци, значи околу 70 до 80 евра“, вели Ериќ.

„Ништо не знам, освен дека документите се во шпедиција од понеделник наутро, а уште не сум завршил, еве денес е среда. А какви се проблемите, тие велат, те системот, те ова не е добро, те она, немам поим ни јас што не е добро“, вели Ристиќ.

Од Царината, пак, тврдат, дека новиот систем за обработка на царински декларации, СОЦДАД, кој целосно беше воведен од 3 овој месец, е стабилен и целосно функционира, но има одредени технички проблеми, кои секојдневно се надминуваат. Директорот Танасоски вели дека системот се подготвувал шест месеци, направени се обуки со 700 учесници, но не сите ги посетиле и сега не се спремни за новините.

„Поради одредена неподготвеност на одредени софтверски компании кои ги услужуваат софтверските куќи, но и дел од самите шпедиции кои неа беа на обуките од различни причини, иако ние како Царинска управа тоа го овозможивме“, вели Ѓоко Танасоски, директор на Царинска управа.

Царината вовела и друг портал, трејдер, но него масовно го користеле, што довело до проблеми. Директорот и лично добил поплаки, но се открило дека грешките не се кај Царината.

„Сите изговори дека Царината ги држи на граница по една недела, се неосновани и неаргументирани и се од лица кои не сакаат системот да успее“, вели Танасоски.

Системот СОЦДАД го користат земјите на ЕУ, а една од целите, покрај олеснувањето, е при царинењето да се намали човечкиот фактор и коруптивното однесување.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ