Инспектор Илиевски со барање за прекршочна постапка за Државниот тетовски универзитет

Барање до Основниот суд во Тетово, за поведување прекршочна постапка против Државниот тетовски универзитет и неговиот ректор, упати вишиот просветен инспектор Ѓорги Илиевски, поради непочитување на неговите решенија за укинување на незаконски стекнатите виши звања на тројца функционери од ДУИ и поради непојавување на претставниците од универзитетот на закажаното порамнување, денеска. Илиевски кој најави и кривична пријава до Јавното обвинителство, е предмет на дисциплинска постапка поради јавно објавување на имињата на функционерите кои незаконски биле унапредени. По предлог на Дисциплинската комисија при Државниот просветен инспекторат, директорот на Инспекторатот за 7 дена треба да одлучи за дисциплинска мерка против Илиевски, а тој се сомнева дека ќе добие отказ од работа на 6 месеци до пензионирањето.

Државниот тетовски универзитет и неговиот ректор ќе добијат прекршочна  и кривична пријава, поради непочитување на решенијата на вишиот просветен инспектор, Ѓорги Илиевски, за укинување на незаконски стекнатите виши звања на тројца функционери од ДУИ. Поради тоа што на денешното закажано порамнување не се појавиле од Тетовскиот универзитет, инспекторот Илиевски, направил записник и поднел барање до Основниот суд во Тетово за поведување прекршочна постапка, а ќе следува и кривична пријава до ЈО, вели тој

  • Денеска беше закажано во 10 часот да дојдат. Истите не дојдоа и јас направив записник за порамнување, бидејќи не се тука и барање за поведување на прекршочна постапка до Основниот суд во Тетово. Понатаму, ќе поднесам, исто така и кривична пријава и до ЈО и до другите институции, надлежни за овие состојби кои се случуваат на Тетовскиот универзитет.

Инспекторот Илиевски пред новинарите ги покажа решенијата кои не ги примила Второстепената комисија за инспекциски надзор и прекршување при ДТУ, а се жалела по нив. И за овој прекршок, Илиевски ќе го информира ЈО и ДКСК. За прекршочната и најавената кривична пријава, од ДТУ немаат коментар. Од секторот за односи со јавности ни рекоа дека се на колективен  годишен одмор и дека ќе се јават со став , по 20 август, кога ке се вратат на работа. А директорот на ДПИ, до кого Илиевски веќе има поднесено кривична пријава, вели дека денеска го очекува предлогот од Комисијата и до петок ќе донесе одлука за дисциплинска мерка, за која Илиевски се сомнева дека ќе биде отказ од работа, на 6 месеци до пензионирањето. Тој најави дека дополнително за целиот случај ќе ги информира и Американската и Германската амбасада.

Вишиот просветен инспектор во јавноста ги објави имињата на министерот за образование Арбер Адеми, на заменик министерот во МВР, Агим Нухиу и на директорот на Агенцијата за државна индустриска сопственост, Сафет Емрули, дека незаконски се стекнале со виши звања на Тетовскиот универзитет. Дисциплинската постапка против него е поведена поради констатирано кршење на етичкиот кодекс со објавување на имињата на функционерите, додека траела постапката за утврдување на нивната одговорност. За подршка на Илиевски, на социјалните мрежи кружи петиција која до сега ја потпишаа околу 2000 граѓани.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ