Пронајдена марихуана кај две лица, вработени во УБК

Двајца вработени во 5-тата управа на УБК се суспендирани откако во средата попладне биле фатени како користат марихуана на улица во скопско Козле.

Младите агенти биле на возраст од 26 и 28 години и биле уапсени од полицајци денски во 18 часот додека конзумирале марихуана во автомобил опел корса, соопшти МВР. На распитот уапсените тајни агенти тврделе дека марихуаната ја купиле од дилер и веднаш сакале да ја пробаат.

И двајцата се примени во петтата управа на УБК во 2015-та година, веднаш по избивањето на скандалот со нелегалното прислушување кога во тајната полиција имаше бран од над 100 нови вработувања. Од МВР засега не соопштуваат дали двајцата имаат и безбедносни сертификати и дали и претходно биле пријавувани за кривични дела.

Суспендираните работеле во одделот за следење на 5-тата управа која стана озлогласена откако беше откриена масовната злоупотреба на следењето на комуникации додека таму беше шеф Горан Грујовски, обвинет во неколку случаи на СЈО.

Во моментот на апсењето не биле на задача. Инаку УБК од први септември престанува да постои и наместо неа се формира Агенција за национална безбедност, а во тек е процесот на селекција кои вработени ќе преминат во новата агенција. Користење на дрога е забрането за новите припадници на агенцијата за национална безбедност.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ