
Директорот на ДПИ за 7 дена треба да одлучи за дисциплинска мерка за Илиевски
Му се заканува ли на вишиот просветен инспектор, Ѓорѓи Илиевски, отказ од работа, на 6 месеци пред пензионирањето заради објавување на имињата на тројца функционери од ДУИ, кои незаконски стекнале виши звања на Државниот тетовски универзитет? На седницата на Дисциплинската комисија при ДПИ е донесена одлука против Ѓорѓи Илиевски да се предложи дисциплинска мерка, за која директорот треба да одлучи во рок од 7 дена, дали ќе ја прифати или не.
- Раководното лице на институцијата треба да постапи по истата. Во зависност од тоа како ќе одлучи , може истата да ја прифати или да постапи различно од истата, со тоа што треба да даде образложение за тоа, вели Јане Николовски- ПР при ДПИ.
Сакав да бидам пример за раскринкување на незаконско работење, а од дисциплинската комисија ќе добијам отказ, се пожали Илиевски. Тој рече дека бил спречуван вербално да ја каже својата одбрана пред комисијата, и дека за неговата судбина одлучувало тело, во кое има судир на интереси.
- Прво, судир на интереси има член на Комисијата кој е сват со тој поднесувачот на предлогот за дисциплинска. Второ , имаме ситуација човек кој што е од Куманово, е близок со директорот. Трето, имаме адвокот кој го застапува ДПИ, што е незаконски, рече Ѓорги Илиевски – виш инспектор во ДПИ.
Ако решенијата за незаконски унапредувања се укинат, ќе поведам кривична, прекршочна и судска постапка, дополни Илиевски. Одлучувањето за дисциплинска мерка за него, медиумите беа спречени да го следат. Тие повеќе од 5 часа стоеја пред Министерството за образование зашто беа избркани од претседателката на комисијата, Валерија Анастасова, со образложение дека им е забрането да присуствуваат , а потоа и обезбедувањето ги замоли да заминат од објектот зашто не го пријавиле писмено присуството на седницата. Од ДПИ потоа се правдаа со недостаток на простор.
- Се работи за просторни капацитети. Ги видовте нашите услови, рече Јане Николовски-ПР при ДПИ.
Вишиот просветен инспектор во јавноста ги објави имињата на министерот за образование Арбер Адеми, на заменикот министер во МВР , Агим Нухиу и на директорот на Агенцијата за државна индустриска сопственост, Сафет Емрули, како поединци кои стекнале незаконски виши звања на Тетовскиот универзитет. Дисциплинската постапка беше поведена зашто Инспекторатот констатирал кршење на етичкиот кодекс со објавувањето на имињата, додека траела постапката за утврдување на одговорноста на функционерите.
Сотир Трајков