Неуспешен обид за лидерска средба

Пропадна обидот на премиерот Заев за средба со лидерите на другите три најголеми партии: ВМРО ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса. Лидерскиот состанок е нецелисходен без Мицкоски, кој одбива да разговара за други теми пред да биде одлучено за предвремени избори.

Владата соопшти дека одбива да прифати ултиматуми од неодговорниот претседател на ВМРО ДПМНЕ кој заштитата на криминалот и заложбата за блокади и изолации ги става пред државните интереси. Мицкоски бега од разговор, вели Заев, дури и за Изборен законик, што е можност до следните избори да се обезбеди изборна легислатива прифатлива за сите и според препораките на ОДИХР.

СДСМ и Заев се плашат да распишат предвремени избори, возврати ВМРО ДПМНЕ и обвини за инволвираност на премиерот во случајот Рекет.

-Зоран Заев е главата на октоподот во рекетарската приказна. СДСМ да одговори: дали на синоќешниот состанок на Централниот одбор присуствувале Кики и Фрики? Зошто Заев ги амнестира од одговорност? Дали се плаши дека може да биде откриено негово директно учество во рекетарската приказна а граѓаните да дознаат колкав процент земал?, прашуваат од ВМРО ДПМНЕ

Пред четири дена, Заев ги покани Мицкоски, Ахмети и Села на разговор за три приоритетни теми за европската иднина на државата: Законот за обвинителство, пописот наредната година и Изборниот законик. Од ВМРО ДПМНЕ веднаш ја одбија поканата и побараа предвремени избори. Претседателот Стево Пендаровски најави можност тој да иницира средба власт-опозиција, што за Заев е прифатливо.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ