Хеленик отворени и за спогодбено решавање на спорот во кој бараат 32 милиони долари

Грчката Хеленик Петролеум е отворена и е во преговори со македонските власти да најде спогодбено решение за спорот, по тужбата што ја активираше пред Арбитражниот суд во Париз, со која бара од земјава да наплати 32,6 милиони долари. Џорџ Алексопулос, еден од менаџериоте во грчката нафтена компанија вели дека тие нема да ја коментираат процедурата, но сакаат да најдат решение за овој проблем. Ова тој го одговори на прашање од македонските новинари, на маргините на конференцијата на The Economist  во Атина. Од компанијата денеска со попрецизно објаснување.

„Членовите на Арбитражниот трибунал беа назначени од двете страни и во моментов процесот е во тек. Паралелно со арбитражниот процес, ние водиме разговори со Владата на Република Северна Македонија со цел да најдеме спогодбено решение за спорот“, вели Џорџ Алексопулос, генерален менаџер за стратешко планирање во Хеленик Петролеум.

Тој објаснува дека групацијата Хеленик Петролеум во декември покрена арбитражна постапка против Владата на Република Северна Македонија пред Арбитражниот суд, со барање за оштета од 32,6 милиони долари, што произлегува од непочитувањето на обврската за набавка на минимално договорените количини на мазут во периодот од 2008 до 2011 година, што, вели, е прекршување на договорот од 1999 година.

Од Хеленик со став дека нафтоводот Скопје Солун, кој сега не работи, треба да продолжи да функционира, бидејќи, велат, тоа е во согласност со одредбата од Преспанскиот договор. Според нив, ова прашање не треба да се поврзува со тужбата во Париз, со образложение дека тоа се различни процеси. Од таму се оптимисти дека овој проблем набргу ќе биде решен, бидејќи, според нив, тоа е во интерес и на нашата земја, но и на македонската Влада, која располага со 20 отсто од нафтоводот, а ќе значи за нас сигурност во снабдувањето, и во земјата ќе влегуваат многу поголеми количества на деривати.

„Во однос на другото прашање кое се однесува на нафтоводот Солун – Скопје, ние исто така имаме контакти со владата во обид нафтоводот да продолжи да работи, согласно релевантната одредба од Преспанскиот договор“, смета Алексопулос.

Владата не сакаше да открие со кои аргументи ќе настапи пред Арбитражниот суд во Париз, со образложение дека поради сензитивноста на процесот, вакви постапки не се коментираат. Таа допрва ќе бара адвокатска куќа. Оттаму велат дека во изминативе месеци преговарале со Хеленик, со медијаторство и на Енергетската заедница во Виена. Ова е втора ваква тужба од Хеленик, земјава веќе го изгуби првиот спор, по што плати сума од 40 милиони долари. Договорот за ОКТА беше потпишан во времето на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, но за него тој никогаш не беше повикан на одговорност.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ