
Турција не се откажува од барањето Македонија да и ги испорача луѓето на ФЕТО
Турција очекува Македонија да и ги предаде лицата кои властите во Анкара ги обвинија дека се поврзани со организацијата ФЕТО на Фетулах Ѓулен. За тоа во тек се правни процеси и контакти меѓу разузнавачките служби на двете земји, што денеска во Скопје беше потврдено од шефот на турската дипломатија. Мевлут Чавушоглу притоа подвлече дека во таа насока очекува конкретни чекори и резултати од земјава.
„Нашите очекувања се јасни во врска со имињата имаме споделување на информации“, изјави Мевлут Чавушоглу, министер за надворшени работи на Турција
Чавушоглу денеска посочи дека организацијата ФЕТО е добро инфилтрирана во земјава.
„Исто така е значајно за безбендоста на Македонија и за стабилноста на Македонија и на другите земји каде што е присутна. Оваа терористичка организација не е сама, добива поддршка од надвор. Така што, кон Македонија и останатите пријателски земји претставува закана. Сега одредени земји вршат притисок, но во иднина кога Македонија или другите пријателски земји ќе се соочуваат со потешкотии, повторно Турција ќе дојде на помош. Така што очекуваме конкретни чекори во насока на темета на ФЕТО од пријателска Македонија“, рече Чавушоглу.
Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, кој му беше домаќин на Чавушоглу, изрази политичка волја земјава да и помогне на Турција во врска со проблемот кој таа го има со ФЕТО, за што тој потврди дека постои извонредна соработка меѓу двете разузнавачките служби.
„Проблем на нашиот пријател е и наш проблем“, рече Никола Димитров, министер за надворешни работи на Северна Македонија
Сепак земјава ќе го почитува правниот систем по ова прашање, рече Димитров.
„Овде немаме до крај одврзани раце, бидејќи имаме и домашен и меѓународен правен систем кој треба да го следиме. Процедурата за многу од овие лица е во тек и во основниот суд Скопје 1 и во Јавното обвинителство и разговаравме за тоа до каде е процедурата, што се случува“, рече Димитров.
Двајцата шефови на дипломатии ја потенцираа извонредната соработка и пријателство кое постои меѓу двете земји, за што како потврда го посочија неодамнешното ратификување на Протоколот за членство на земјава во НАТО од страна на турскиот парламент, без какво и да е условување.
Тамара Грнчароска