
Урсула Фон Дер Лејен најави амбициозен зелен договор за Европа
Урсула Фон Дер Лејен, министер за одбрана на Германија во заминување, им се обрати денеска на пратениците во Европскиот парламент каде ја претстави својата агенда како кандидат за Претседател на Европската Комисија.
Во својот говор, Дер Лејен потенцираше дека климатските промени се најголемиот предизвик со кој се соочува Европа и светот, најавувајќи дека во првите 100 дена од мандатот ќе претстави својот нов договор за зелена Европа.
За да имаме успех, мораме заеднички да преземеме храбри чекори. Нашата актуелна цел за намалување на емисиите за 40% до 2030-тата година не е доволна. Мораме да одиме понатаму. Мораме да бараме повеќе. Потребен ни е двостепен пристап за намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 50% до 2030-тата или дури и за 55%.
За остварување на амбициозните еколошки цели, Дер Лејен потенцираше дека ќе биде неопходен и сеопфатен инвестициски план а за таа цел таа ќе предложи и пренамена на дел од Европската инвестициска банка во климатска банка.
Германката Дер Лејен на пратениците им порача и дека Европската Унија мора повторно да го открие своето единство. Најголем дел од својот 40-минутен говор, таа го одржа на англиски јазик, но како претставник на цела Европа, дел од пораките ги испрати и на германски и француски јазик. Доколку ја добие подрршката на европратениците, Урсула Фон Дер Лејен, ќе биде првата жена претседател на Европската Комисија.
Пред точно 40 години, првата претседателка на Европскиот Парламент, Симоне Веил, беше избрана и ја претстави својата визија за пообединета и пофер Европа. Благодарение на неа и сите останати европски икони денеска јас ја претставувам својата визија за Европа. 40 години подоцна со голема гордост можам да кажам дека конечно жена е кандидат за претседател на Европската Комисија.
Во однос на спорното прашање на Брегзитот, Дер Лејен изрази подготвеност да прифати уште едно одложување на крајниот рок во кој Обединетото Кралство треба да ја напушти ЕУ, доколку тоа е неопходно.
Велика Британија треба да го заврши Брегзитот до 31-ви Октомври, што веќе е 6-месечно одложување на првичниот рок.
Борис Џонсон, кој е главен фаворит да ја наследи Тереза Меј на премиерската позиција, повеќе пати изјави дека тој сака Брегзитот да се спроведе во овој рок, независно дали ќе биде постигнат договор со Европската Унија.
Никола Илиевски