Зоки Кичеец е донесен пред судија на претходна постапка

Бизнисменот Зоран Милевски, познат како Зоки Кичеец е донесен пред судија на претходна постапка, а се очекува тоа да се случи и со Бојан Јовановски, познат како Боки 13. Двајцата се приведени деенска- Боки 13 на граничниот премин Богородица, а Зоран Милевски во ресторан во Скопје. Обвинителството отвори истрага, по поднесена кривична пријава, во која ги товари за изнуда на пари за влијание врз јавен обвинител, чие име засега не се соопштува, како и за перење на пари.

Уапсените Бојан Јовановски, алијас Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец се осомничени дека зеле 1 милион и 500 илјади евра, за преку јавен обвинител врз кој имале влијание, да ја олеснат положбата на лице под истрага. Првично барале 8 милиони евра, за да ја запрат кривичната постапка за лицето, по што ја спуштиле сумата на 5 милиони. Остатокот договориле да се исплаќа на рати во период од четири месеци. Двајцата се осомничени за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 –ка е осомничен и за кривичното дело Перење пари. Примените пари ги пуштил во оптек како легално стекнати пари и купувал облека и плаќал одмори иако тоа ги надминува неговите приходи.Како што кажа обвинителот, двајцата осомничени тргувале со влијание и убедувале луѓе кои се дел од истражна постапка дека се моќни кај јавен обвинител.

Второосомничениот овозможувал средби со лицето под истрага, а кое е сега сведок. Откако се посомневале во неговата доверливост, престанале со средбите.И покрај настојувањето на новинарите, обвинителите не сакаа да го откријат името на обвинителот вмешан во случајот, кој засега не е под истрага, ниту, пак, бил повикан да даде исказ. Но, во случај и тој да се најде под сомнение, не може да се повикува на имунитет.

Тврдат и дека, оставката на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, дадена само еден час пред апсењето, нема врска со овој случај.

Предистрага за случајот била почната во мај годинава, по кривична пријава. Во моментов, вели Јовески, надлежните преземаат дејства за прибирање докази и обезбедување присуство, а ги охрабри и сите други лица, кои биле подложени на вакви дејства, да пријават во обвинителството. Со истрагата засега не е опфатена ниту една фирма, а на име на Боки 13, не е пронајден никаков имот што би можел да му биде замрзнат.

На нашето прашање, дали овој случај може да се поврзе со приказните кои ги објавуваше новинарот Бранко Героски, и Рускоска и Јовески посочија дека денеска отвориле истрага токму за да се утврди кој се` е оштетен и вмешан и во тие случаи. Од обвинителството признаа дека, во истрагата користеле пим мерки, но не сакаа да одговиорат дали Јовановски се обидел да избега и дали затоа е уапсен на граничниот премин Богородица.  

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ