
Галичките младенци си го кажаа судбоносното ДА
Со поставување на свадбарското знаме, бричење на зетот, тргнување по невестата и пристигнување на стројниците, строевање и пречек во предпладневните часови започнаа свадбарските обичаи. Младенците Марина Петровска и Огнен Караѓозовски го кажаа судноносното ДА во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“.
Над 30 обичаи кои се обележје на Галичката свадба ги разоткриваат разноликоста на духот и вековната традицијата на Мијаците и македонското културно богатство воопшто. Свадбарските уникатни ритуали, проследени со богатиот колорит на народните носии и изворните песни и ора карактеристични за овие краеви во Македонија ги проследија неколку илјади домашни и странски посетители.
За Галичката свадба се ангажирани стотина статисти кои се облечени во автентични галички носии. Триесетина членови на „Фолклорни бисери“ ги изведоа традционалните игри и ора. Коњицата со коњаниците по тесните галички сокаци ги следеше во чекор и во товарењто на ковчезите и испраќањто на невестата која ги пречека во традиционалната галичка носија. Гледајќи го младоженецот низ прстен на балконот во нејзината куќа невестата вели: „Низ прстен те гледам во срце да ти влезам“.
Самата невестинска носија е уникатна. На неа преовладуваат белата, жолтата и црвената боја и доминантен е богатиот вез распореден на ракавите и на предниот дел на кошулата. Составен дел на невестинската носија е и филигранскиот накит со уникатни златни и сребрени елементи. Сиот комплет може да тежи и до 30 килограми.
Со изведбата на „Невестинското“ и „Тешкото“ беше заокружена годинашната Галичка свадба. Со одржувањето на Галичката свадба се означува и почетокот на „Галичкото културно лето“, кое и овојпат се очекува да понуди најразлични забавни и музички содржини, прилагодени за сите генерации посетители.
Во Галичник сега живеат само двајца жители, но на Петровден има над 5.000 посетители и туристи кои доаѓаат да ја гледаат Галичката свадба.
Покровител на годинашната тридневна традиционална културно – сценска манифестација “Галичка свадба“ е претседателот Стево Пендаровски, кој по татко е галичанец. „Галичка свадба“ започна синоќа со изведување на првите свадбени обичаи, во куќата на зетот каде се накити бајракот, а потоа со три истрели се означи почетокот на овој фестивал на мијачкиот фолклор.
Нина Стефанова