
Лидерска да, но за кои теми?
Се уште е неизвесно дали ќе има лидерска средба и кои теми би требало да ги расправаат првите луѓе на најголемите политички партии во земјава. Според ВМРО ДПМНЕ, треба да се разговара само за предвремени избори, а според СДСМ, најважно е да се донесат законите од интерес за европ-интеграциите, како што е Законот за обвинителството.
Во интервју за Алсат, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски неколку пати повикува лидерите да седнат, да ги организираат пратеничките групи и да повикаат на предвремени избори. Тој не исклучува и можност за организирање мирни протести. Од ВМРО ДПМНЕ велат дека се уште нема покана од власта за лидерска средба, но дека единствена тема треба да бидат изборите.
СДСМ сака разговори, но за прашања што се од интерес за државата и за граѓаните. Потсетуваат дека Законот за обвинителството е од највисок стратешки интерес за земјата.
Премиерот Заев посочи дека власта и опозицијата треба да седнат и да разговараат барем на три теми: закон за обвинителство, попис и измени на изборниот законик. ВМРО ДПМНЕ демантира дека вчера во Собранието почнале разговори околу законското решение за пописот 2020-та, но Владини и Собраниски извори потврдуваат дека имало средба меѓу пратеници од ВМРО ДПМНЕ и од СДСМ која иако не резултирала со договор, претставува дел од процесот за градење меѓусебна доверба.
Соња Николовска