
Кејт Бернс му ги предаде акредитивите на Пендаровски со желба што поскоро да не види во НАТО
Со желба што поскоро да не види како 30. членка на НАТО, новата американска амбасадорка Кејт Бернс денеска на церемонијата во Вила Водно му ги предаде акредитивните писма на шефот на државата Стево Пендаровски. Изрази задоволство што својот мандат го почнува во овој клучен период за односите меѓу двете земји.
„Како сојузници, нашите односи ќе стануваат посилни, поврзани преку нашата заедничка заложба за мир, безбедност и просперитет во регионот и пошироко“, му рече Бернс на Пендаровски.
Нагласи дека во очекување на влезот на земјата во НАТО, продолжува работата врз основа на веќе изградени цврсти темели на традиција и партнерство. -Повеќе од 25 години работиме заедно и постигнавме многу во унапредување на нашите заеднички цели – да ја видиме Северна Македонија целосно интегрирана во западните институции и целосно посветена на нашите заеднички вредности, демократијата, индивидуалната слобоа и владеењето на правото, рече Бернс.
Пендаровски, посакувајќи и добредојде на новата американска амбасадорка и успешност во нејзината мисија напомена дека дипломатските односи меѓу двете земји успешно се развиваат повеќе од две децении. Пендаровски изрази благодарност за континуираната и цврста поддршка што САД и ја дават на Северна Македонија од самиот почетокот на нејзината независност.
„Таа поддршка, посебно изразена во доменот на остварувањето на стратешките цели – целосно интегрирање во Евроатлантските структури и организации – не е само доказ за цврстото пријателство, туку и суштествен поттик и охрабрување за успешно соочување со сите предизвици во денешниот свет на постојани промени“, истакна шефот на државата.
Нагласи дека двете земји се поврзани со заедничките заложби и решителност за чување на мирот, зајакнување на демократијата и почитувањето на човековите права.