Царината спречи нелегален внес на цигари и тутун во лист
Царината, на граничните премини Табановце со соседна Србија и Богородица со соседна Грција, спречи обиди за нелегален внес на цигари и тутун во лист, наменети за нелегална продажба на македонскиот пазар.
Од царината велат дека на Табановце на влез од Србија се запленети 16,5 тони цигари, а на граничниот премин Богородица, на влез од Грција – 13 тони тутун во лист. За овој случај засега не е утврдено дека има поврзаност со неодамнешната акција во Љуботен, која заеднички ја спроведоа Финансиската полиција и царинската управа. Нема сознанија ниту за можна вмешаност на цариници и нивна злоупотреба на службената должност.
Од Царината им укажуваат на граѓаните дека режаниот тутун што се продава е штетен, затоа треба да купуваат тутун одбележан со бандероли, што покртај тоа дека се платени давачките, го гарантира и неговиот квалитет.