
Владата ја кани опозицијата да биде дел од преговорите со ЕУ
Македонија не очекува Грција, по промената на власта во Атина, да го попречи добивање на датум од ЕУ, во октомври, за старт на преговори со земјава. Во ова е уверен вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, според кого од датумот во октомври не дели само техничката процедура во Будестагот. Сепак додека не се донесе формална одлука за датум, вели, ништо не е завршено.
„До тогаш треба да работиме со сите земји-членки. Одлуката во октомври се разгледува од почеток и секоја земја-членка треба да гласа позитивно за да ја добиеме одлуката. Така што наша намера е овој период, и во јули и во август, да бараме состаноци, средби, со земјите-членки. Ќе работиме со секоја од земјите-членки, од најголемите поддржувачи до најголемите скептици“, вели Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.
До октомври пак Македонија ќе ги формира преговарачките тимови од преговарачката структура која вчера ја утврди Владата. Во неа ќе има место и за граѓанскиот сектор, Собранието, но и за опозицијата.
„Ние разговаравме во владата вчера што би им понудиле, во кои делови – дали повеќе на симболични или повеќе на работни позиции. Ние сметаме дека е покоректно од наша страна да им понудиме во работните позиции, исто како невладините организации, да имаат претставници во секоја работна група и со нас да го изодат патот. Меѓутоа останува до нив да кажат која опција ја преферираат“, рече Османи.
Како пак невладиниот сектор ќе се вклучи во преговарачкиот процес ќе се чека тој самиот да се произнесе, иако како што информираат од владата, првичните најави се дека тие би сакале да бидат дел од работните групи, поточно, да бидат директно вклучени во преговорите.
„Заеднички со нив, во тие дискусии ќе дефинираме што е тоа што е најдобро за државата, за јавниот интерес, каде најмногу можат да да придонесат, но и кое ново на одговорност ќе биде преземено, бидејќи директното учество подразбира и одоворност“, вели Бојан Маричиќ, главен технички преговарач со ЕУ.
Преговарачката структура предвидува неколку нивоа, на врвот ќе биде Координативното тело предводено од Османи, а и во кое ќе членуваат сите вицепремиери и ресорни министри од клучните министерства, додека, како што ја нарекоа, пешадијата во преговорите, ќе бидат работните групи по секое поглавје.
Османи, кој информираше дека Секретаријатот за европски прашања од вчера со одлука на Владата е Секретаријат за преговори со ЕУ, е оптимист дека во октомври земјава конечно ќе добие датум за преговори, што доколку не се се случи, вели дека ќе создаде сериозна фрустрација, но и пореметување на динамиката на интеграцијата во ЕУ, бидејќи земјава нема друга алтернатива.
Тамара Грнчароска